До каде оди желбата на министерот Османи?!

Деновиве непрестануваат коментарите од страна на академската фела по  однос на објавениот Билтен бр.1241 од 01.07.2021 година, на Медицинскиот факултет во Скопје, а по однос Рефератот и извештајот за избор на еден наставник во сите наставно-научни звања во наставно-научните области: Хирургија и Дигестивна хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје на пријавените кандидати по објавениот конкурс и пријавените кандидати: ас.д-р Ѓорѓи Трајковски, ас.д-р Љубомир Огненовиќ, нас.сор. Владимир Јоксимовиќ, нас.сор. Александар Шумковски и асистент докторанд Бујар Османи.

Како членови на рецензентска комисија се: д-р Зоран Караџов-редовен професор на Катедрата на хирургија на Медицинскиот факултет-Скопје, д-р  Огнен Костовски-доцент на Катедрата на хирургија на Медицинскиот факултет-Скопје, и д-р Владимир Рендевски доцент на Катедрата на хирургија на Медицинскиот факултет-Скопје.

Од извештајот на рецензионата комисија се констатира дека кандидатите за нивната наставно-научна и други стручни и научни активности ги имаат следните поени:

Ѓорѓи Трајковски 438,8 поени

Љубомир Огненовиќ 480,45 поени

Александар Шумковски 726,28 поени

Владимир Јоксимовиќ 222,29 поени

Бујар Османи 102,44 поени

За стручно-научните квалитети на кандидатите не сум компетентен да коментирам. Но интересен е  заклучокот и предлогот на рецензионата комисија, каде што не постои единство во размислувањата, одлуката е донесена без консензус, односно двата члена на рецензионата комисија (доц.д-р Огнен Костовски и доц.д-р Владимир Рендевски) сметаат дека ас.д-р Ѓорѓи Трајковски треба да биде избран за доцент во наставно-научни области хирургија и дигестивна хирургија, додека третиот член проф.д-р Зоран Караџов го дава своето издвоено мислење по однос на изборот.

Морам да истакнам дека демократско е правото и мислењето на рецензионата комисија и издвоеното мислење е легитимно право. Но, она што е суштинско по мене, а што во повеќе мои колумни сум пишувал е потврдата што секогаш го истакнувам изборот или унапредувањето  се сведуваат на одредени лични релации со кандидатите, обврски кон одредени или надворешни субјекти, лобирања и слично. Моите констатации и моите пишувања го потврдуваат ова што го   истакнува професор д-р Зоран Караџов.

Имено, тој во своето издвоено мислење, истакнува: „…Многу поголеми проблеми постојат во рамките на самиот Универзитет „Св.Кирил и Методиј“, во овој случај се работи за Медицинскиот факултет. Сите нас треба да не загрижува, пишува професор Караџов,  фактот што сме доведени во ситуација да станеме заложници на одредени субјекти, како внатре, така и надвор од Универзитетот. Заради остварувањето на своите цели, овие субјекти манипулираат со актуелниот, а доколку продолжи ваквиот тренд, и со идниот академски кадар. Резултатот е повеќе од јасен, а тоа е негативна селекција на кадрите.

Понатака професорот Караџов пишува:„ …Ова особено е изразено и исклучително деструктивно и поразително, во доменот на медицинските науки. Не би сакал да зборувам, пишува професор Караџов…за суровата реалност во рамките, како на прв, втор, така и на трет циклус студии, нивоата на знаења, селекцијата или сето она што би требало да води кон нов повисок квалитет, за ова мислам дека сите сме свесни или…?

Она во што се согласуванм со професорот и во повеќе наврати сум пишувал е: „…Факт е дека во текот на изминатите години, едноставно кажано, се изгуби принципот на позитивна селекција, критичната маса не постои или во најдобар случај, таа е минимизирана и се почесто се оди „по линијата на помал отпор“.

Во таа насока, драстично се зголемува бројот на медиокритети или лажни академски авторитети, кои се подложни на секакви влијанија. Ова е жално, ама вистинито….само принципот на позитивна селекција може и треба да не води напред кон иднината, создавањето на се поквалитетни академски кадри, што ќе придонесе на севкупниот напредок во областа на медицинските науки. Независноста во размислувањата, процените и донесување на одлуки на сите чинители во рамките на факултетите при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ ќе придонесе за подобар и поконкурентен медицински факултет, универзитет, а воедно и за подобро и поквалитетно општество.

Со право професорот Караџов истакнува: „ а не се залажуваме, не постојат многу опции. Едната е да се врати професионалниот морал на членовите на Медицинскиот факултет и другите факултети во рамките на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, со што ќе ја промовираме и негуваме позитивната селекција како „conditio sine qva non“, а другата е да потонеме во „ живиот песок“, за што и самите сме виновни, подржувајќи ја „линијата на помал отпор“, форсирањето на медиокритетите и лажните академски авторитети. Изборот е наш, нели? “.

Пишува: Ѓорѓи Илиевски
Виш просветен инспектор