Поодамна си имам ветено дека ништо не може да ме шокира поради животното искуство и возраста. На мојот професионален пат сум се сретнал секакви нелогичности и неадекватни однесувања. Но, кога ја прочитав последната изјава на Добрила Кацарска дадена за бугарски медиум, ми требаше неколку минути да се соземам, па да почнам во умот да го обработувам тоа што го кажала.
Новинарското прашање oд интервјуто за бугарската ТВ „Нова“ кое е пренесено кај нас на 27 ноември 2023 година гласи: „Но, конкретно дали бугарското малцинство е спорно за скопските политичари, затоа прашувам дали постои правна пречка?“ Кацарска одговора: „Категорично нагласувам дека законска пречка не постои затоа што сите граѓани се еднакви. Кој е тоа закон кој би забранил нешто на граѓаните коишто се чувствуваат како Бугари, а би го овозможил на граѓаните коишто се дел од народите кои ги набројав? Значи, законска пречка не постои“.
Извор: Кацарска за бугарската Нова: Нема законска пречка Бугарите да влезат во Уставот
Навивањето си има своја предисторија.
Од интервју во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 од септември 2023 година медиумите парафразираа што Кацарска кажала: Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска тврди дека нема ништо да се загуби ако се вклучат Бугарите и другите народи во Уставот, со што Македонија ќе продолжи со отворање на кластерите од преговорите со ЕУ. Според неа, не треба да им се попречува на младите и на другите граѓани да им биде полесен животот, со тоа што државата ќе влезе во европското семејство.
Дека Добрила Кацарска е партиски воин со еполети од СДСМ тоа се знае, ниту таа го крие тоа, ниту некој и ја демантира таа улога. Но, претседател на Уставен суд да се стави како воено-позадински орган на актуелната власт во политички прашања, во промовирање на владини тези, а притоа да не потенцира дека е личен став, тоа е нешто што професорите по уставно право на Правниот факултет, па и пошироко, мора да го презентираат како добар-лош пример за инструментализација на Уставен суд. (планирам лично да ја преведам оваа колумна и да ја пратам до сите универзитети во Европската Унија).
Дали треба да има уставни измени е друга тема што мислам дека е исцрпена по она што го покажуваат анкетите за мислењето на граѓаните и независните експерти.
Но, лично барам јавно одговори на следново прашање:
– Дали Колегиумот на Уставниот суд, составен од судиите и генералниот секретар како позитивна пракса дебатирал и дозволил претседателката да дава политички и лобистички изјави како наведената за прашање што не е само правно? Ако да, да се презентира Записникот пред граѓаните. Ако не, само се потврдува дека Добрила Кацарска е диктатор каков што ја знаеме, таа суди и пресудува.
Бидејќи на дотичната ѝ се наближува крајот на мандатот, некаде во јуни идната година, па токму поради тоа е на пречести патувања во странство, ќе барам преку слободен пристап до информации од јавен карактер, колку средства потрошила за патувања. Но, додека е во Уставниот суд, претседателката која со кран беше донесена таму продолжува интерно да ги крши процедурите за работа, по своеволни толкувања. Па така, замислете драги читатели, за првпат од постоењето на Уставниот суд, во рефератите на судиите известители за седница, се ставал ставот и на советникот ако е различен од ставот на судијата и за него се дискутирало на седница! Советникот советува судија, а не се дискутира за неговиот став. Какво девалвирање на функцијата уставен судија, советникот кој треба да го советува судијата по некои прашања од уставното право, може да го замени или да му се наметне. Игра на двојство, на правење шеми за посакувани ставови! Друга работа, претседателката си селектирала кои Одлуки на Уставниот суд ќе ги потпише кои не, и тие што не и’ се допаѓаат си ги чувала во фиока така на подолго време. Е со вакви претседатели на Уставни судии веднаш ќе не примат во Европската Унија!
Ја следам како се топори и прави имиџ со прашањето за уставна жалба, и не знам дали да се смеам или да заплачам. За жалба говори личноста Добрила Кацарска која сакам уште еднаш, да Ве потсетам дека кога беше судијка во процесот по предметот за случувањата од 27 април, во октомври 2018-та казни со по 1.000 евра, 50 адвокати и ги отстрани од судница. Во 2019 година, Уставниот суд ги поништи тие решенија, а денес дотичната е претседателка на судот
А, на регионалната конференција на која се зборуваше за уставна жалба, Добрила Кацарска побарала нов објект за Уставниот суд. Веројатно и’ пречи што постоечкиот не е направен од оваа Влада, а во кој сум влегол и ги задоволува стандардите, но не може веќе да прими кадри од СДС и ДУИ, преполн е. Во однос на моите две колумни од почетокот на годинава:
Извор: Уставниот суд под раководство на Кацарска и
Извор: Република Македонија го губи Уставниот суд како столб на државноста
Кацарска реши да ги игнорира, изгледа по наговор на портпаролката дека со тек на време ќе се заборави што е пишувано, кој видел видел. Јавноста не заборава, јас не заборавам. Само трпеливо собирам материјали. Овде за критика се сите институции кои молчеа за наводите во моите колумни, барем да ги провереа. Нејсе, во друго време.
Во оваа прилика сакам да и’ се обратам на опозицијата. Господа, доколку дојдете на власт морате со посебен Закон во Собранието да ги разрешите сите уставни судии. Да бидат предложени и избрани стручни и компетентни професионалци, во спротивно ќе имате штаб на опозицијата на Бихачка и во Уставен суд.
Тоа е помал проблем од тоа што таквата институција партизирана ќе пречи во нашите евроинтеграции. Добрила Кацарска нема да биде претседател од јуни 2024 година, но нејзината улога не е епизодна. И вас во иднина ќе ве потсетувам и ќе барам детална ревизија од Државниот завод за ревизија, инспекциски надзор од Управниот и Трудовиот инспекторат, колку пати е менувана систематизацијата за потребите на милениците на Кацарска, по препорака на кадровите комисии на СДСМ и ДУИ, да се истражат моите тврдења дека вработувани се сопартијци, роднини и пријатели на функционери од овие партии и од кабинетот на Стево Пендаровски, да се провери дека за 100 осто е зголемен бројот на вработени со неадекватно образование и искуство кои буквално нема што да работат и каде да седат.
Продолжувам да ги следам чекорите на претседателката, до крајот на мандатот…
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес