Минатото не е исто како историјата. Минатото е океан на настани што некогаш се случиле. Наспроти историјата која е процес со кој луѓето ги толкуваат записите оставени од минатото. Историјата е процес на толкување на доказите, наратив кој дава значење, смисла и објаснувачка сила на минатото во сегашноста.
Од друга страна колективната меморија им дава на луѓето чувство на припадност. Независните демократски држави развиваат различен историски наратив за да можат да го редефинираат, или да го градат минатото во светлината на новите околности. Во време на големи промени, луѓето бараат културна удобност во потрага по нешто позитивно и стабилно во минатото. Ние ја изгубивме таа удобност. Полека ја губиме колективната меморија како македонски народ. Се брише во име на споделената заедничка историја со Бугарија, низ работата на мешовитата историска комисија на двете држави. Во име на добрососедството, се бориме со духовите на историјата, по посланието на Заев.
Очигледно дека оваа Комисија се обидува селективно да го реконструира нашето минато и измени меморијата за тоа минато. Тоа вообичаено се случува кога се злоупотребува историјата за политички цели и корист. Селективноста на таа реконструкција на елементи од минатото може да ја задоволи само политиката, бидејќи бесконечните детали и тоталитетот на минатото никогаш не можат да се реконструираат.
И, замислете? Во оваа Комисија, според зборовите на еден од партиципиентите во нејзината работа, историјата не била предмет на преговори, туку разговори, дискусии и дебати за минатото. „Ние не преговараме, ние дискутираме како професионалци за голем број прашања засновани врз историските извори во нивниот аналитички контекст“. Зар човек што се декларира како научник и „експерт професионалец“ не разликува дека дискусијата е разговор, или дебата за одредена тема, додека преговорите се процес на постигнување договор преку дискусија. Зарем мисли дека ова треба да го земам здраво за готово и ме смета за недоветен? Откако седна да преговара заедно со неговите „професионалци“ во Комисијата, македонската историја и колективна меморија како сврзувачко ткиво на македонскиот народ и корен на неговото постоење почна полека да исчезнува.
Не сум знаел дека Комисијата била некој вид дебатен клуб, а не политичко тело формирано од државите да ги усогласи личностите и настаните од „заедничката историја до 1944 година”. Кои, откако Комисијата ќе ги усогласи своите ставови, истите ќе треба да се пресликаат на информативни табли и други ознаки на историските и културни споменици и во учебниците по историја.
За жал вакви поединци „експерти“ кои учествувале во создавањето на националната меморија на македонскиот народ, негираат се што досега македонската историска наука ни понуди како храна што требаше да ја одржува во живот ваквата меморија, негирајќи се самите себеси и она што го работеле. Не освестија дека „нивната“ историја да ти била политика и ништо повеќе. Дека се што истражиле и напишале била историска конструкција и заблуда во име на политиката, во која не убедиле да веруваме. Споделеното минато и историја која ми ја нудат ваквите „политички“ историчари е агонизиран обид да се даде интелектуална поддршка и оправдување за лоши политички одлуки, каков што е договорот за добрососедство со Бугарија. Изгледа тоа им е долга историска навика од социјализмот.
Затоа само во нивниот ум тие не преговараат, туку разговараат. Ментално одбиваат да прифатат дека се обични слуги на политиката. „Експерти“ што се ставија во функција на обезличување на Македонија и ретуширање на нејзината колективна меморија. И, тука завршува нивната наука и нашата историја. За која ќе им суди историјата, на оние што ќе ја пишуваат во иднина.
Добро што бугарското Собрание не освести преку отворена закани дека „нема да дозволи интеграцијата на Македонија во ЕУ да биде придружена од европска легитимација на државно спонзорирана идеологија на анти-бугарска основа”, препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година, како еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“. Со други зборови, историските наративи што се ставени на маса имаат политичка заднина, проектирајќи ги аспирациите на нашиот источен сосед да демонстрира историски легитимитет на се што е македонско. Очигледно ние не преговараме за различните историски наративи: ние сме уценети да ги прифатиме туѓите.
Нашиве „експерти“ како по обичај се ставени на „муте“. Многу се потресов што тие ти биле биле загрижени дека усогласените препораки во однос на заедничките чествувања на личности од средновековната и од поновата историја значајни за историјата и културата на двата народи, не го даваат посакуваниот резултат, т.е. не доведуваат до надминување на спорот околу минатото. За жал не можам да ја споделам нивната загриженост и очај кога сфаќаат дека се употребени и отфрлени од политиката. Злоупотребени никако. Чудно, станаа гласни без глас што нема кој да го слушне.
Во едно не треба да се сомневаат и да бидат загрижени: си обезбедија место во историјата. Сигурно не на нашата.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес