Додик во Москва, пред средбата со Путин разговараше со Патрушев

МилоПретседателот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик, допатува во понеделникот во Москва каде е најавена негова средба со рускиот претседател Владимир Путин, а на првиот ден од посетата се сретна со Николај Патрушев, влијателниот секретар на Советот за безбедност на Руската Федерација.

Јавниот сервис на Република Српска (РТРС) објави куса снима од средбата на Додик со Патрушев на кој присуствувале и нивните соработници. Патрушев притоа рекол дека му е „многу благодарен“ на Додик поради доаѓањето во Москва изразувајќи притоа задоволство од сѐ посилните врско со Република Српска чии власти отворено ја поддржуваат Русија во конфронтацијата со ткн глобален Запад и одбиваат да ја осудат руската инвазија во Украина.

„Задоволни сме од тоа како се развива целиот комплекс наши врски кои сѐ повеќе добиваат стратешки карактер“, рекол Патрушев кој важи за еден од најистакнатите ткн „јастреби“ во администрацијата на Кремљ.

Додик во Москва, според најавата, треба да престојува до средината на седмицата, а неговата средба со Путин е најавена за вторник на маргините на собирот кој рускиот претседател го организира за да го промовира сојузот со државите од соседството кои и натаму го поддржуваат лично него и Русија и покрај западните притисоци и осуди и закани за изолација.

Шефот на претставништвото на Република Српска во Москва, Душко Перовиќ, најави дека Додик ќе разговара и за снабдувањето на ентитетот со руски гас, односно градењето на новиот гасовод истакнувајќи притоа дека властите во Бања Лука се подготвени енергенсот да го плаќаат во рубљи.

Градењето на новиот гасовод, со кој гасот преку Србија би се испорачувал исклучиво од Русија, е едно од клучните барања со кои Додик го условува носењето важни одлуки на ниво на Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Босна и Херцеговина моментално го има единственото снабдување со гас преку Србија, односно преку Турски тек. Во функција нешто повеќе од две години, Турски тек се состои од две линии, од кои едната е наменета за испорака на гас од Русија во Турција, а другата за јужна и југоисточна Европа. Српските власти во Босна и Херцеговина инсистираат на изградба на нов гасовод со Србија преку кој би пристигнале нови количества руски гас.

Истовремено, Федерацијата БиХ долги години работи на подготовка на поврзување со Република Хрватска преку јужната гасна интерконекција, со што би се диверзифицирало снабдувањето со гас и би се искористил потенцијалот на терминалот за течен природен гас (LNG) во Омишљ на островот Крк.