Договор меѓу врaботените во „Еурокомпозит“ и Владата

Вработените од прилепскиот комбинат од наменската индустрија „Еурокомпозит“ ќе ги соберат шаторите и од петок ќе се вратат на работа, откако на средбата во четвртокот со вицепремиерот Кочо Анѓушев, се договорија дека во текот на следната седмица секој од нив ќе добие по 30.000 денари.

Државата за таа намена, како и за натамошните тековни трошоци за производство на компанијата, ќе обезбеди околу 13 милиони денари, според ветувањето од Владата.

Владата досега повеќепати вети решавање на проблемот, но како што изјави премиерот Зоран Заев претходно, купуваат време додека не се изготви анализа на состојбата за да може некој од заинтересираните инвеститори да ја реструктуира компанијата. Планот за спас предвидува дел од вработените да се прогласат за технолошки вишок и да земаат соодветен надомест сè до нивно пензионирање.

Државната компанија им должи на вработените 18 плати, а придонесите не им се платени цели шест години. Тие пред три дена почнаа генерален штрајк, а утрово најавија секојдневно блокирање на сообраќајот сè до конечно решавање на статусот на фирмата. Дел од нив протестираа на прилепските улици, а дел поставија шатори спроти владината зграда.