Германската банкарска регулаторна агенција „Бафин“ побарала документи од „Дојче банка“ во рамки на истрагата за наводно манипулирање на цените на златото и среброто, пишува „Фајненшл тајмс“.
„Агенцијата имала разговори со службениците од оваа банка во текот на повеќе инспекции за неколку месеци“, изјавиле извори упатени во овој случај.
Моментално цената на златото се одредува два пати дневно, во текот на телеконференции меѓу пет банки: „Дојче банка“, „Банка на нова Шкотска“, „Барклис“, „ХСБЦ банка“ и „Сосиете женерал“. Нивниот договор влијае на глобалните цени на овој благороден метал.
„Дојче банка“ е една од трите финансиски институции кои учествуваат во еквивалентниот процес во врска со среброто.