Доколку не беше брифингот на ВМРО-ДПМНЕ, власта немаше да спроведе акција за аферата „Мафија“

Да не беше брифингот на ВМРО-ДПМНЕ и да не излезевме храбро, како политичка партија, во јавноста денеска, на денешната прес конференција, немаше да се пробудат од зимскиот сон кој што ги зафатил изминатите четири години, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за аферата „Мафија“ и обвинувањата од власта дека тоа биле обиди за саботирање на акцијата на МВР за денешните апсења поврзани со аферата.

„Ако ја спроведувале во последните година, тогаш требало да ја спроведат. Дај Боже постојано вака да ги саботираме и да ги инспирираме да ги завршуваат акциите но треба да почнат од себе, не да почнат од службеникот или службеничката што зема оттисок од прст и фотографира. Бидејќи на нив им било така кажано од други структури, затоа што немојте да ме убедувате дека тој службеник знае кој е Јован Вукотиќ или уште помалку знае кој е Георги Андонов. Или, пак, Седат Пекер, а уште помалку знае кој е Џадин Адемовски и уште такви стотици лица“, потенцираше Мицкоски.

Истакна дека во оваа држава криминалот, мафијата има своја држава и колку погласна и поупорна е ВМРО-ДПМНЕ со ваквите иронично кажано саботажи, толку побргу правото и правната држава ќе владеат, а криминалците ќе бидат позади решетки и ќе сносат одговорност за се што направиле.

Да не се лажеме, криминалот е во врвот на власта. Колку побрзо расчистиме со овие луѓе, толку побрзо ќе имаме правна држава. Се останато е растурање пердуви и приказни за мали деца“, рече Мицкоски потенцирајќи дека сѐ уште нема разрешница за прислушкуваните разговори на јавните обвинители и судии, како и дека беше пробиена акцијата „Планина“