Доларот зајакна, цените на нафтата пораснаа

Во петокот новите податоци покажаа дека бројот на вработени во САД се зголеми значително повеќе од очекуваното во јануари, а платите, исто така, неочекувано пораснаа. Тоа значи дека потрошувачката, а со тоа и притисоците врз инфлацијата, ќе продолжат да се зголемуваат. Поради ова, надежите на инвеститорите дека американската централна банка уште во март ќе почне да ги намалува каматните стапки целосно избледеа.

Дотолку повеќе што во неделата вечерта, претседателот на Fed, Џером Пауел, во интервју за емисијата „60 Minutes“ изјави дека централната банка ќе биде внимателна при намалувањето на каматните стапки и дека тоа веројатно ќе биде со многу побавно темпо отколку што очекува пазарот.

Како резултат на тоа, вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути го достигна највисокото ниво во последните осум седмици на валутните пазари. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 104,18 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 103,96 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од 148,40 на 148,60 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0775 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0785 долари.

Цените на нафтата, пак, благо пораснаа, откако минатата седмица потонаа за повеќе од 7 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,32 отсто, на 77,60 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 0,18 отсто, на 72,40 долари.