Досега до МИОА не е пријавен случај на притисок на работното место

До Министерството за информатичко општество и администрација кое на својата веб страна инсталираше алатка за пријавување притисок на работното место во јавната администрација досега не е пријавен ниту еден случај.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска на прес-конференција во Владата истакна дека пријавувањето на вакви случаи е анонимно и ги повика граѓаните доколку се соочуваат со вакви проблеми, да ги пријават.

Притисоци, уцени и злоупотреби во јавната администрација не смее да има. Владата и МИОА работат посветено на обезбедување на администрација којашто работи професионално и во служба на сите граѓани. Се обидуваме целосно да ја смениме сликата за зарботена држава. За таа цел, МИОА на 13 септември објави алатка за пријавување на притисоци на работното место во пресрет на референдумот. Алатката има за цел да послужи како заштита на сите вработени во јавната администрација кои во случај на притисок имаат лесно достапно место каде да се обратат, рече Манчевски.

Доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели своите лични податоци, тогаш тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштита на личните податоци за што веќе се преземени соодветни технички и организациски мерки.

МИОА е обврзана сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи за понатамошно постапување.