ДУИ е за попис после избори, според Алијанса изборите не го спречуваат пописот

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по денешната лидерска средба порача дека ова бил најконструктивен состанок до сега и со останатите шефови на партиите се разговарало на најдобар можен начин, без загрозување на европскиот пат.

-Сите политички партии се определија дека наша опција е ЕУ. И позиција и опозиција порачаа да не го загрозат нашиот европски пат. Разговаравме за најдобриот можен момент за предвремени парламентарни избори. Оценивме да почекаме да се ратификува протоколот за членство во НАТО. Важно е изборите да се демократски и да победи најдобриот. Значајно е да се почитува датумот за изборите и потоа да се види кога ќе биде можно да се спроведе и попис, истакна Ахмети.

Според лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, изборите не треба да бидат врзани со пописот кој треба да се одржи на пролет.

Села рече дека за неговата партија 12 април идната година е датум што е прифатлив за одржувањето на предвремените избори, меѓутоа тие биле подготвени и доколку се одлучело изборниот процес да се одржи и порано.

„Изборите не го попречуваат пописот. Изборите не се врзани за таа техничка операција. Уште подобро ако се одржи тогаш, бидејќи ќе биде тргнат од рацете на политиката и ќе се заврши демократски и како што треба“, смета Села.