Двајца осомничени за намерно опожарување автомобили во Скопје, кога настрада возилото на Шилегов.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 24 и 22 години, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Станува збор за опожарување на автомобилот на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, а покрај неговото настрадаа уште три возила. Според скопската полиција на 9-ти март околу 3,30 часот било пријавено дека на улицата  „Петре Пирузе“ избил пожар во  „ауди“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице, а паркирано од Ј.Ш.. Од пожарот зафатени биле и патнички моторни возила „пасат“, „матиз“ и „нисан“ со скопски регистарски ознаки, сите сопственост на 53-годишниот Д.М.

Претходно во четвртокот Министерството за внатрешни работи обајви дека ден претходно во врска со овој случај полициски службеници од СВР Скопје привеле тројцата скопјани А.Ј., С.Б., и С.Ј.,е. По преземени мерки и активности е утврдено дека тие на 09.03.2022 во Скопје со запалива течност предизвикале пожар во патничко возило „ауди Q5“, од кој биле зафатени три други возила – „фолксваген пасат“, „нисан“ и „даеву матиз“.

Со кривичната пријава за истиот настан беше опфатено уште едно лице за кое надлежниот јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на пријавата, бидејќи за него не се утврдени елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.

Двајцата осомничени соизвршители, на 9-ти март, со пожар предизвикале значителна опасност за животот или телото на луѓето. Првиот осомничен повикал такси возило во Ѓорче Петров и влегол на совозачкото седиште, носејќи со себе пластична туба со жолта течност. На таксистот му кажал да вози до улицата „Козле“, каде во возилото се качил вториот осомничен. По пат двајцата се договарале за начинот на кој ќе го извршат кривичното дело. Од такси возилото се симнале на булеварот „Партизански одреди“ и продолжиле да се движат пеш.

Кога пристигнале на улицата „Мексичка“, двајцата осомничени со течноста полеале паркиран автомобил „ауди Q5“ и го запалиле. Пламенот се проширил, па освен автомобилот „ауди“, целосно изгорел и автомобил „фолксваген пасат“ додека делумно биле зафатени и оштетени уште два други автомобила и еден објект. Со тоа осомничените предизвикале поголема имотна штета.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, бидејќи постојат околности кои упатуваат дека би можеле да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците или да го повторат делото. Судијата го прифати предлогот и на осомничените им определи притвор во траење од по 30 дена.​