Два концерта на Филхармонија во Градски парк

Симфониски концерт за деца на Македонската филхармонија
Симфониски концерт за деца на Македонската филхармонија

Филхармонијата и годинава крајот на сезоната ќе го одбележи на отворено во Градскиот парк, овојпат со два концерта, на 23 и на 29 јуни од 21 часот. Тие се организирани во соработка со Младинскиот културен центар и Град Скопје.

Првиот концерт на 23 јуни е насловен „Ну, Погоди“, а ќе бидат изведени теми од познати цртани филмови од земјите од Источниот блок, кои го обележаа детството на генерациите од 1970-тите и 1980-тите години: „Балтазар“, „Ну, Погоди“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Мечето Ушко“…, проследени со видеопроекција и со светлосен дизајн. Аранжманите се на Владимир Николов, диригент е Џијан Емин.

Вториот концерт на 29 јуни е насловен „Љубов и револуција“ и повторно ќе го води Џијан Емин, во чии аранжмани ќе бидат изведени меѓу најпопуларните песни од поп-рок и панк-музиката која претежно ги одбележа 1990-тите години.
Заедно со оркестарот на Филхармонија ќе настапи и хорот „ПроАрс“ чиј диригент Сашо Татарчевски е главниот носител на проектот. Ќе бидат изведени песни на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“…
„И овој концерт, како и првиот, претставува уникатна идеја во смисла тип на композиции да бидат изведени од симфониски оркестар и хор, што е ретка практика и во светот“, соопшти Филхармонијата.