Прелиминарните резултати од новата студија укажуваат на тоа дека неадекватното консумирање овошје и зеленчук во светот е одговорно за повеќе од два милиона смртни случаи како последици на кардиоваскуларните заболувања, пишува списанието Science Daily.
Научниците коишто ја спровеле студијата процениле дека речиси секоја седма смрт како последица на кардиоваскуларните заболувања може да му се припише на неконсумирањето доволно количество овошје, а секоја дванаесетта на неконсумирање доволно зеленчук. Што значи дека помалиот внес на овошје во двојна мерка влијае на смртноста од помалиот внес на овошје.
Според податоците од 2010 година субоптималниот внес на овошје двојно ја зголемува смртноста во однос на помалиот од оптималниот внес на зеленчукот во исхраната. Врз основа на податоците од истата година, научниците утврдиле дека недоволното консумирање овошје секоја година во целиот свет резултира со 1,3 милиони смртни случаи од мозочен удар, и со повеќе од 520.000 смртни случаи од коронарни болести (стеснување на срцевите жили). Процениле и дека субоптималното внесување на овошје резултира со околу 200.000 смртни случаи од мозочен удар и повеќе од 800.000 смртни случаи од коронарни болести, што е севкупно повеќе од два милиона смртни случаи.
„Овошјето и зеленчукот се значаен фактор во исхраната и може да влијаат на намалувањето на бројот на предвремените смртни случаи на глобално ниво… Резултатите од нашите истражувања укажуваат на потребата од вложување засилени напори за тоа на луѓето да им се укаже дека консумирањето овошје и зеленчук е извонредно важно“, вели главната авторка на студијата, Викторија Милер, постдокторантка на Фридмановата школа за исхрана на Универзитетот Тафтс.
Научниците потсетуваат дека овошјето и зеленчукот се богати со влакна, калиум, магнезиум, антиоксиданси и феноли, состојки кои го регулираат притисокот и бактериолошката флора во цревата ја одржуваат здрава и разновидна. Лицата кои јадат повеќе овошје и зеленчук во помала мера се подложни на прекумерна телесна тежина и дебелина, што повторно го намалува ризикот од развој на кардиоваскуларни болести.
„Глобалните приоритети, кога станува збор за исхраната, традиционално се внесувањето доволно калории во организмот, снабдувањето со витамини и намалувањето на додатоците како што се солта и шеќерот. Податоците до коишто дојдовме укажуваат на потребата од зголемена достапност до продуктите како што се овошјето, зеленчукот и мешунките, што е извонредно важно за глобалното подобрување на здравјето“, вели коавторот на студијата, Дариуш Мозафариан, декан, исто така, на Фридмановата школа за исхрана на Универзитетот Тафтс.
Врз основа на прехранбените насоки и студиите за факторите на кардиоваскуларниот ризик, истражувачите утврдиле дека оптималниот внес на овошјето изнесува 300 грама дневно, што е еквивалент на две помали јаболка, а оптималното внесување зеленчук дневно, вклучително и мешункастите плодови, изнесува 400 грама дневно, што претставува еквивалент на три шолјички сиров морков.
Резултатите од истражувањето се претставени на годинешниов конгрес на Американското здружение за исхрана, одржан од 8-ми до 11-ти јуни во Балтимор, а се однесуваат на нутриционистичките податоци од 113 земји од светот.