Две жени се убиени во напади на ајкули во египетскиот акваториум на Црвеното Море, соопшти во неделата египетското министерство за природна средина.
Два извора на агенцијата Reuters изјавиле дека телото на туристка од Романија, на возраст од доцните четириесетти, било пронајдено неколку часа откако во идентичен напад била убиена 68-годишна Австралијка. Двата напада се случиле на оддалеченост од 600 метри еден од друг, малку подалеку од брегот Сахл Хашеш, рекле соговорниците.
Министерството во своето соопштение наведува дека е формирана комисија којашто ќе ги истражи околностите на двата напада и можните научни причини за нив.
Се споменува, исто така, дека гувернерот на областа на Црвеното Море, генерал-мајорот Амир Ханафи, издал наредба да се запрат сите активности во подрачјето во коешто се случиле нападите.
Првата жртва е префрлена во приватна локална болница, рекол за Reuters извор од црвеноморската Управа за здравствени прашања. Додава и дека имало обид за реанимација на жртвата, но таа сепак починала како последица на повредите.
Безбедносен извор додал дека Австралијката последните пет години живеела во Египет со својот сопруг Египѓанец.
Нападите од ајкула се релативно ретки во египетскиот крајбрежен регион на Црвеното Море последниве години. Во 2020 година, младо момче од Украина ја загуби раката, а египетски туристички водич една нога во напад на ајкула. Во 2018 година, ајкула уби чешки турист на плажа на Црвеното Море. Во сличен напад загина германски турист во 2015 година. Во 2010 година, различни напади на ајкули убиле европски турист и осакатиле неколку други кај Шарм Еел=Шеик на Синајскиот полуостров спроти Црвеното Море од Хургада.
Овој најнов напад доаѓа додека египетскиот туристички сектор се бори да се опорави од влијанието на руско-украинската војна, бидејќи земјата во голема мера се потпира на туристите од двете земји, по ударот кој го доживеа изминатите две пандемиски години.