По повод Интернационалниот ден на џезот, пред платото на МКЦ денеска по прв пат ќе се одржи манифестацијата под наслов „Today it’s all about jazz!“ (Денес сѐ е џез!).
Станува збор за деветчасовен џез хепенинг со кој Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје, се вклучува во мрежата на светски организации кои го одбележуваат овој ден за што има и официјална потврда од страна на Телониус Монк Институтот за џез.
Овој ден јубилејно се одбележува ширум светот од 2011 година и ги слави „придобивките на џез музиката како образовна алатка и сила која води кон мир, единство, дијалог и непречена соработка меѓу луѓето.” Ова ќе биде мото и на денешниот хепенинг, кој вклучува концертни настапи на повеќе џез состави од Македонија и интернационални џез музичари.
ЗЏМ Биг Бенд Оркестар, под диригентство на Емин Џијан, ќе изведе нумери од Битлси. Според организаторите, тоа ќе биде можност сите оние што го пропуштија нивниот концерт во МОБ, кој беше прогласен од критиката за еден од најуспешните џез концерти за минатата година, овој пат тоа да го сторат под отворено небо.
Публиката ќе има можност да го види и триото Imaginary Folklore – космополитска мешавина на три силни музички фигури од Аргентина, Италија и Македонија – Лео Џеновезе (пијано, електроника, саксофон, ударни инструменти и вокали), Франческо Марокочи (контрабас, ударни инструменти и вокали) и Александар Петров (перкусии и вокал).
Потоа Тони Китановски Трио – ветерани на македонската џез сцена, составите Белучи Квартет, Летечки Пекинезери, Сетстет, Џоле Грујовски Квартет и Fierce, дел од најмладата генерација македонски џез музичари. Џез хепенингот ќе го отворат In Between – студентите од џез одделот при Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип на кои ова ќе им биде прво заедничко претставување пред пошироката публика.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура.