„eBay Inc.“ ќе укине околу 1.000 работни места, или 9% од својата работна сила со полно работно време и ќе ја намали работата на аутсорсираниот персонал, велејќи дека бројот на вработени и трошоците за нив, го надминале економскиот раст на компанијата. Нејзините акции паднаа за 13% во изминатите 12 месеци, објави „Bloomberg“.
Компанијата за е-трговија вели дека треба да биде поснаодлива во услови на „предизвикувачко“ економско опкружување.
„Додека напредуваме во нашата стратегија, нашиот број на вработени и трошоци го надминуваат растот на нашиот бизнис“, велат од компанијата со седиште во Сан Хозе, Калифорнија. „За да се справиме со ова, спроведуваме организациски промени кои ги усогласуваат и консолидираат одредени тимови за да ги подобрат процесите од крај до крај и подобро да ги задоволиме потребите на нашите клиенти ширум светот“, додаваат од „eBay“.
Веста го означува вториот круг на кратења на работни места за компанијата во рок од една година. Во февруари 2023-та година, онлајн трговецот на мало рече дека ќе укине околу 500 работни места, или околу 4% од својата работна сила, наведувајќи го забавувањето на потрошувачката на потрошувачите по бумот на е-трговија поттикнат од пандемијата.
Со години, „eBay“ го губи уделот на пазарот од поголемите ривали како „Amazon“ и „Walmart Inc.“ и постепено продаваше делови од компанијата. Имаше 132 милиони активни купувачи заклучно со 30 септември, што е за 3% помалку од претходната година.