Договорот за редовните консултации на министерствата за надворешни работи на Србија и Русија, земја која нелегално нападнала суверена земја и чија војска секојдневно прави злосторства, отвора сериозни прашања и спротивни се на декларираната цел на Србија за приклучувањето на Европската унија, истакна во понеделникот Европската комисија.
„Доколку видиме дека министерството за надворешни работи на Србија договара редовни консултација со министерството на земјата којашто на дневна база ја крши Повелбата на Обединетите нации, чијашто војска прави злосторства и ѕверства, тогаш тоа е многу јасен знак за нивните намери да ги зајакнат своите врски со Русија и тоа отвора сериозни прашања“, изјави портпаролот за надворешна политика на ЕКЈ, Петер Стано.
Стано на новинарско прашање го коментираше потпишувањето на договорот меѓу министрите за надворешни работи на Русија и Србија, Сергеј Лавров и Никола Селаковиќ за редовни консултации и координација во следите две години. Тој документ беше потпишан минатиот петок на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Европската унија беше многу јасна со земјите партнери, а особено со оние во процесот на пристапување, дека односите не можат да биде вообичаени со таква земја и режим, која прави толку злосторства и ѕверства. Ние тоа го земаме многу сериозно. Таа одлука повлекува зад себе и усогласување со ЕУ по прашањето на надворешната политика“, истакна Стано.
Потсети дека Србија со својата сопствена одлука го прогласи пристапувањето на Европската унија за свој приоритет.
Србија е единствената земја кандидат за членство во ЕУ која не се приклучи на санкциите кои Унијата ги воведе против Русија против војната во Украина и одржува вообичаени контакти со Москва на државно ниво.