EK предупредува на недостиг од вакцини за Covid-19 во Европа до 2022-та

Вакцинацијата против новиот коронавирус до 2022 година ќе биде достапна само за дел од жителите на земјите членки на Европската унија, пренесува во вторникот агенцијата Reuters повикувајќи се на сопствени неименувани извори.

„Доволен број дози од вакцината за целото население (во Европа) не се очекува до крајот на 2021 година“, го цитира агенцијата својот извор запознаен со содржината на средбата зад затворени врати меѓу претставници на Европската комисија и дипломатите од земјите членкина ЕУ.

Уште еден неименуван европски функционер ја потврдил информацијата за Reuters. Портпаролот на ЕК не бил веднаш достапен за коментар на барање на агенцијата.

Се потсетува дека од ЕУ претходно изјавија дека достапноста на вакцините против Covid-19 ќе биде ограничена „во текот на почетната фаза на распределбата“, но никогаш не беше појаснето колку долго ќе трае таа почетна фаза.

Претходно на почетокот од октомври ЕК констатирајќи дека сѐ уште нема ефикасна вакцина против коронавирусот, најави дека сепак дистрибуцијата на првите дози ќе биде можна на почетокот од следната година.

Имајќи го предвид многу веројатното ограничување во дистрибуцијата на вакцината, ЕК со месеци ги повикува владите на земјите членки на ЕУ да изготват планови за вакцинацијата во кои ќе им дадат приоритет на ранливите и ризичните групи, како што се здравствените работници, старите и лицата со хронични болести.

„Меѓутоа, освен консензус за вклучување на лекарите и медицинските сестри, нема заеднички став за другите групи“, рекол претставник на Комисијата на затворен состанок претходно оваа седмица.

Во јули во документот од договорот на ЕК и владите на земјите во ЕУ се наведуваше дека најмалку 40 отсто од населението во Унијата треба да биде вакцинирано во првата фаза. Некои земји во ЕУ сакаат да резервираат дози за целото нивно население со цел да ја спроведат веќе до средината на 2021 година.

Договорот на државите членки на Европската унија им овозможува веднаш откако ќе се покаже дека вакцината е сигурна и ефикасна против болеста Covid-19 да купат вакцини за 200 милиони луѓе, и им се дава можноста да купат дополнителни вакцини за уште 200 милиони луѓе.

Трет официјален претставник на ЕУ, исто така за Reuters под услови на анонимност, рекол дека оваа „смела цел“ може да се постигне доколку Унијата постигне договори за снабдување со најмалку седум различни производители на кандидатите за вакцина за Covid-19.

Претходно Европската комисија објави дека постигнала договори за предвремена резервација на вакцините со компаниите „AstraZeneca“, „Sanofi – GSK“, „Johnson & Johnson“, „CureVac“ и „Moderna“, како и и со конзорциумот на фармацевтски компании „BioNTech“ и „Pfizer“.

Севкупно ЕК има намера да резервира повеќе од милијарда дози од вакцините, речиси по две за секој жител на Унијата, а најголемиот договор е со „AstraZeneca“ за 400 милиони дози, кој веќе стапи на сила на 27-ми август и за кој ЕК веќе упрало 336 милиони евра.