Поради основано сомневање дека директорот на Управата за финансиска полиција сторил кривично дело злoупотреба на службената положба и овластувања, како и кривично дело „насилство“, во Основното јавно обвинителство поднесена е кривична пријава од физичко лице против Арафат Муареми, шефот на споменатата владина институција, ексклузивно дознава НетПрес, кој имаше увид во соодветните документи.
Станува збор за приватна пријава од лице од Дебар кое во неа тврди дека од февруари годинава било цел на наводни „притисоци и закани“, како и „насилство“. За тоа, покрај поднесокот до Основното јавно обвинителство, пријавата е испратена и до премиерот Димитар Ковачевски, до јавниот обвинител Љубомир Јовевски, како и до министерот за финансии Фатмир Бесими.
Инаку финансиската полиција во последните денови е во фокусот на јавноста, откако како што претходно објавивме, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција изврши претрес во Управата за финансиска полиција, со која раководи Арафат Муареми.
Информацијата во понеделникот ја потврди и шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
„Претресот е во тек. Се постапува по пријава на граѓанин. Наша обврска е да провериме. Чекаме да видиме дали има нешто основано во пријавата“, рече тогаш Русковска.
Од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција не споделуваат повеќе детали за претресот. Од Обвинителството, исто така, известија дека постапуваат по кривична пријава која што била поднесена кај нив против Муареми од група граѓани.
Муареми во јавноста се споменува како дел од случај за кој се води постапка во Јавното обвинителство за организиран криминал. Владини извори на почетокот од седмицава за expres.mk тврдеа дека по добиените сознанија за активности на Муареми веќе нема можност тој да остане на високата и важна функција во Владата. Управата за финансиска полиција е една од најважните алатки за контрола, меѓутоа и за притисок врз правните субјекти во земјата.
Неофицијално во случајот кој го истражува Јавното обвинителство станува збор за десетици фирми кои биле рекетирани и уценувани да исплатат „црни пари“, а за возврат институциите да не ги гонат за кривични и други дела сторени од нив.
Каква е улогата на Муареми и други високи лица од владејачките партии СДСМ и ДУИ, како и од владините структури, во овој случај се утврдува во соодветна постапка од Обвинителството.
Муареми минатата година на локалните избори беше обвинет како се заканува со финансиски инспектори на кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.