Американското Федерално биро за истраги (FBI) ја започна истрагата за експлозија на возило за кампирање во центарот на Нешвил, во сојузната држава Тенеси, во која се ранети три лица и се пребаруваат околните згради во потрага по можни други настрадани.
„Бирото ја презема главната улога во истрагата за експлозијата, заедно со своите партнери во сојузната држава и на теренот“, се наведува во соопштението.
Американското министерство за правосудство, во чии рамки е FBI, соопшти дека ќе ги насочи сите свои неопходни ресурси за спроведување на истрагата.
„Вршителот на должноста јавен обвинител (кој е истовремено и министер за правосудство) Џеф Роузен беше информиран за инцидентот во Нешвил и наложи обезбедување на сите потребни ресурси на министерството за правда за да се помогне во истрагата“, изјави портпаролот Марк Рајмонд.
Како што беше соопштено претходно, полицијата на Нешвил смета дека станува збор за намерна експлозија, во која се ранети три лица кои се хоспитализирани. Поради тоа, покрај FBI во истрагата се вклучени и федералната агенција за оружје и експлозиви.
Кусо пред експлозијата полициска патрола била повикана поради пукање околу 6 часот утрото по локално време и притоа забележала сомнително камперско возило, појасни на прес-конференцијата портпаролот на нешвилската полција, Дон Аарон.
Полицијата веднаш го блокирала квартот во центарот на Нешвил, а неколку полициски тимови со обучени кучиња ја прегледувале областа на експлозијата, и засега нема знаци дека има уште експлозивни направи. Полицајците ги прегледуваат околните згради и бараат можни жртви.
Нешвилската полиција, исто така, бара очевидци и на испитување привела неколку луѓе, додаде портпаролот на полицијата.
Градоначалникот Џон Купер претходно за локалните медиуми изјави дека според негова процена оштетени се околу 20 згради. Додаде и дека неколку стебла во детонацијата биле искорнати и најмалку два автомобила се запалиле.
„Ќе преземеме сѐ нашите граѓани да бидат безбедни. Имавме многу среќа што има толку малку ранети. Штета што така започна божикното утро, но на кое и да е друго утро, би имало многи повеќе луѓе“, изјави градоначалникот Купер.