Јелен до 5-ти јуни го пролонгираше рокот за кревање на плафонот за јавниот долг на САД

Американската министерка за финансии Џенет Јелен во петокот го продолжи рокот за подигнување на горната граница на американскиот суверен долг, велејќи дека владата би можела да банкротира на 5-ти јуни доколку не се подигне плафонот за задолжувањето од 31,4 билиони долари.

Јелен претходно објави дека како краен рок го определила 1-ви јуни, а продолжувањето сега на Белата куќа и на преговарачите од конгресот им дава повеќе време да постигнат договор за продолжување на законската граница до која САД може да се задолжуваат.

Во спротивно, Соединетите држави би можеле да се најдат во ситуација да доцнат или воопшто да не можат да ги исполнат своите доспеани финансиски обврски, како во поглед на исплаќањата на платите, пензиите или надоместоците кон своите доверители.

Таквото сценарио, кои не е видено досега, според економистите, би било синоним за голема рецесија и пропаст на пазарите во САД, со можна „инфекција“ којашто би се проширила на целата глобална економија, на што претходно месецов предупреди и американскиот претседател Џо Бајден.

Според упатени извори на американските медиуми, претседателот Бајден е подготвен на „компромис“ со републиканската опозиција за кастрењето на јавната потрошувачка, за да ја заврши политичката блокада којашто САД би можела да ги турне на плеќите.

Администрацијата на Бајден неодамна бараше од Конгресот да го зголеми плафонот за сојузниот долг, кој со закон е определен на 31,4 трилиони (над 31 илјада милијарди) долари. Републиканската партија, којашто ја има контролата во Претставничкиот дом, традиционално е скептична во врска со зголемувањето на лимитот и се залага за намалување на јавната потрошувачка како услов за зголемувањето на нивото на долгот.

Плафонот за задолжувањето, кој првпат е усвоен од американскиот Конгрес во 1917 година, го спречува Министерството за финансии да издава нови државни обврзници за финансирање на активностите на сојузната влада, откако ќе е достигне одредено ниво на националниот долг или ќе помине одреден датум. Надминувањето на тој плафон значи дека сојузната администрација е под закана да врши многу операции од редовните буџетски плаќања, вклучително и покривањето на различни социјални трошоци. Покрај тоа, способноста на државата да ги плаќа доспеаните долгови и камати за веќе преземените обврски може сериозно да биде поткопана.