Емили О’Рајли реизбрана од Европскиот парламент за правобранител на ЕУ

При денешното гласање во Стразбур, дури во третиот круг, европратениците повторно ја избраа Емили О’Рајли за правобранителка на Европска Унија.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, „за“ О’Рајли гласаа 320 пратеници, а нејзината противкандидатка Јулиа Лафранка доби 280 гласови.

О’Рајли вчера во првиот круг освои мнозинство гласови од европските пратеници, но не беше доволно за нејзиниот избор, при вториот круг таа доби 291 гласови, Лафранј – 251, Џузепе Фортунато – 58 и Сесилиа Викстром 38 гласови.

О’Рајли е од Ирска, на функцијата медијатор таа остави позитивен впечаток кај голем број политички групи, благодарение на нејзината реактивност во европските досиеја, како случајот со поранешниот генерален директор на Европската Комисија, Мартин Селмаер, но и бројните иницијативи за поголема транспарентност на институциите на ЕУ.

Европскиот медијатор – правобранител е независно тело кое има задача да бара одговорност од ЕУ институциите и да го контролира доброто владеење и администрација на институциите на ЕУ. Граѓаните на ЕУ можат директно да се обратат до правобранителот доколку сметаат дека поради лоша работа на администрацијата биле повредени нивните права. Медијаторот има права да отвора истраги и да формулира препораки до европските институции.