Епидемија на ебола прогласена во Уганда

Во Уганда е прогласена епидемија на вирусот ебола, соопштија во вторникот тамошното министерство за здравство и Светската здравствена организација (СЗО – WHO).

Угандското министерство на Twitter објави дека е потврден случај на зараза со вирусот ебола во централниот округ Мубенде. Подоцна 24-годишниот маж со симптоми на ебола починал.

Африканскиот одел на СЗО извести во соопштение дека станува збор за релативно реткиот ткн судански сој на еболата, откако угандските здравствени власти истражиле шест сомнителни смртни случаи во истиот округ, претходно во септември.

„Моментално постојат осум сомнителни случаи кои примаат нега во здравствена установа“, објави СЗО за Африка, додавајќи дека им помага на здравствените власти на Уганда во нивната истрага и распоредување на персоналот во погодената област.

Уганда досега има пријавено четири епидемии на еболата, во 2000, 2014, 2017 и 2018 година. Најголемата и најсмртоносната беше онаа од самиот почетокот на милениумот, кога беа пријавени 425 случаи на заразата, од кои 224 завршија со смртен исход. Во 2019 година беа регистрирани повеќе случаи на заразата, но не беше објавена епидемија.

Болеста предизвикана од вирусот ебола е акутна вирусна инфекција, којашто ги напаѓа луѓето и некои животински видови. Епидемија на еболата избувна во Западна Африка во 2015 година и главно го зафати Гвинеа, Сиера Леоне и Либерија. Според СЗО, во текот на последната голема епидемија биле заразени 28.600 лица, од кои починале 11.300 луѓе.