Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му рекол во саботата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека Турција нема позитивно да гледа на членството на Шведска и Финска во Алијансата, доколку двете земји јасно не покажат соработка во борбата против тероризмот, како и по другите прашања.
Меѓутоа, Ердоган рекол и дека ја поддржува политиката на „отворени врати“ на НАТО, се наведува во соопштението објавено во саботата.
Во твитот објавен по телефонскиот разговор, Столтенберг пишува дека предвид мора да се земе загриженоста на сите сојузници во НАТО, кога станува збор за безбедноста, и дека треба да продолжат разговорите за да се изнајде решение.
Ердоган претходно во саботата во телефонските разговори со челниците на Шведска и Финска порача дека условот на Турција за поддршка на приемот на двете земји во НАТО се тие да престанат да даваат поддршка на терористичките организациите како што се обележани организациите на Курдите – PKK и YPG, како и на приврзаниците на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен – FETO, движење кое Анкара го обвинува за создавање паралелни структури во државната администрација и организатор на неуспешниот воен преврат во јули 2016 година.
На шведската премиерка Магдалена Андерсон во телефонскиот разговор Ердоган ѝ рекол дека Анкара очекува конкретни чекори во борбата против тероризмот. Ердоган рекол и дека смета оти ембаргото на извозот на оружје во Турција воведено по турската воена интервенција во Сирија во 2019 година против тамошните курдски сили вооружувани и обучувани од САД, мора да биде укинато.
Андерсон по разговорот на Twitter напиша „Се радуваме на јакнењето на нашите билатерални односи, вклучително мирот, безбедноста и борбата против тероризмот“.
Во претходниот телефонски разговор во саботата, Ердоган на финскиот претседател Саули Ниисто му рекол дека толерирањето на терорирстичките организации кои преставуваат закана за сојузник во НАТО не соодветствува на духот на сојузништвото.
Финскиот претседател објави дека „отворено и директно“ разговарал со турскиот претседател во рамките на дискусиите за финското членство во НАТО.
„Реков дека Финска и Турција, како сојузници во НАТО ќе се обврзат на меѓусбена безбедност и дека нашиот однос така ќе стане посилен. Финска го осудува тероризмот во сите негови форми. Продолжуваме со дијалогот“, напиша Ниинисто на Twitter по телефонскиот разговор со Ердоган.
Финска и Шведска официјално во средата ги поднесоа барањата за придружување во НАТО, но Турција ги изненади сојузниците во воениот сојуз бидејќи се спротистави на членството на двете земји поради споменатите недоразборања со двете скандинавски земји.