Ердоган нема да дозволи земји кои поддржуваат тероризмот да влезат во НАТО

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека минатонеделните разговори на Турција со делегациите од Финска и Шведска не биле на „очекуваното ниво“ и повтори дека Анкара не може да каже „да“ на земјите кои влегуваат во НАТО а го поддржуваат тероризмот, пренесе во неделата телевизиската станица TRT Haber.

Турција се спротистави на итното влегување на Финска и Шведска во НАТО, одложувајќи го договорот кој треба да го овозможи нивното историско напуштање на воената неутралност, и целосно опколување на Русија со Алијансата, а се толкува како наводна реакција на двете скандинаввски земји на руската инвазија во Украина.

Последната изјава на Ердоган упатуваат на тоа дека Анкара не го променила ставот за влезот на двете земји во НАТО тие да престанат да даваат поддршка на терористичките организациите како што се обележани организациите на Курдите – PKK и YPG, како и на приврзаниците на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен – FETO, движење кое Анкара го обвинува за создавање паралелни структури во државната администрација и организатор на неуспешниот воен преврат во јули 2016 година.

„Сѐ додека Ердоган е на чело на Република Турција, дефинитивно не можеме да кажеме ‘да’ на земјите кои влегуваат во НАТО, а го поддржуваат тероризмот“, рекол турскиот челник за новинарите кои го придружувале на летот на враќањето од посетата во саботата на Азербејџан.

Претходно два неименувани извори за агенцијата Reuters рекле дека разговорите одржани во средата незначително напредувале и дека сѐ уште не е познато кога ќе продолжат. Плановите за проширување на воениот блок мора да го одобрат сите 30 земји членки на Алијансата.

„Не се ниту чесни, ниту искрени. Не можеме да ја повториме грешката од минатото, кога станува збор за земји кои ги прифаќаат и хранат таквите терористи во НАТО, а знаеме дека станува збор за безбедносна организација“, додал Ердоган алудирајќи на периодот од 1974 до 1981 година кога Грција, како претходно Франција а потоа и Шпанија, се повлече од командните и воените тела на Алијансата но практично не излегоа од неа.

Ердоган порано порача дека „скандинавските земји се ‘сигурни куќи’ за терористичките организации“. Шведска и Финска објавија дека го осудуваат тероризмот и го поздравија евентуалното соработување со Турција, вклучително и дека ќе го разгледаат вториот услов на Анкара за тргнување на нивното ембарго на извоз на оружје воведено поради турската инвазија во Сирија против единиците на тамошните Курди обучувани и вооружувани од САД.