ЕУ би можела да ги заостри санкциите кон Хамас и да ги воведе за израелските доселеници

Европската унија треба да размисли за заострување на санкциите кон Хамас и воведување санкции за израелските доселеници одговорни за насилството на Западниот Брег, соопшти дипломатската служба на Европската унија во документот подготвен за состанокот на шефовите на дипломатиите на блокот.

Документот им дава на министрите опции што треба да ги разгледаат на состанокот во Брисел во понеделник во врска со одговорот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа и подготовките за она што следува по војната.

Хамас, палестинската милитантна група која уби околу 1.200 луѓе во крвавиот напад врз Израел на 7 октомври, веќе е наведена како терористичка организација во Европската унија, што значи дека секој имот што го има во ЕУ може да биде замрзнат.

Но, документот, исто така, предлага ЕУ „да ги зајакне санкциите против Хамас и другите терористички групи“.

Одлуките за санкциите на ЕУ во принцип бараат одобрување од сите 27 земји-членки кои не успеаја да се договорат за заеднички став кон актуелната криза, имајќи предвид дека различните земји имаат различни ставови за поширокиот израелско-палестински конфликт.

Високи функционери на ЕУ, вклучително и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, исто така изразија загриженост за растечкото насилство од страна на израелските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен Брег.

Документот за расправа, подготвен од Европската служба за надворешни работи и други претставници на ЕУ, предлага одговорот на Унијата да вклучи забрана за патување од ЕУ за одговорните и санкции за кршење на човековите права.