Земјите членки на Европската унија во вторникот и формално го одобрија барањето за одложување на излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата, откако го добија писмото со согласност од британскиот премиер Борис Џонсон.
Според оваа одлука, Велика Британија останува членка на ЕУ до 31-ви јануари 2020 година, а тоа време треба да го искористи за ратификација на договорот за раздружувањето, попознато како процес „брегзит“. Британија ќе може да ја напушти ЕУ и порано, на 1-ви декември годинава или 1-ви јануари в година, доколку двете страни го ратификуваат договорот за раздружувањето.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кому мандатот му истекува на 30-ти ноември, порача преку Twitter дека ова би можело да биде последното одложување, што всушност го бараше и британскиот премиер.
„Ве молам ова време да го искористите најдобро што можете. Би сакал, исто така, да ви кажам збогум, бидејќи мојата мисија завршува. Ќе ги држам палците за вас“, се додава во пораката на Туск.
Во одлуката на Европскиот совет, која е усвоена преку писмена процедура, се вели дека Велика Британија во текот на периодот на продолжувањето останува полноправна членка со сите права и обврски.
Во пропратната декларација на Европскиот совет се вели дека се исклучува можноста за повторно преговарање на договорот за брегзитот, и се истакнува дека „секаква еднострана обврска, изјава или акт на Велика Британија мора да биде компатибилна со словото и духот за раздружувањето“.
Европскиот совет, исто така, ја потсетува Велика Британија на нејзината обврска да дејствува конструктивно и одговорно во текот на продолжувањето, како дека треба да се „воздржи од каква и да е мерка којашто би можела да попречи достигнувањето на целите на Унијата, особено во текот на учеството на носењето на одлуките во Унијата“.