ЕУ испраќа истражители за злосторствата во Буча

ЕУ ќе испрати тим истражители во Украина за да ги испита наводните воени злосторства на терен, објави во понеделник претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по телефонскиот разговор со претседателот на земјата Володимир Зеленски.
Потегот доаѓа откако во текот на викендот беа пронајдени повеќе мртви цивили во Буча, предградие на главниот град, при што Киев веднаш ги припиша убиствата на руските војници.

„Попладнево разговарав со украинскиот претседател Володимир Зеленски за страшните убиства што беа откриени во Буча и другите области од кои неодамна заминаа руските војници“, рече фон дер Лајен во изјавата.

Истражниот тим испратен од ЕУ нема да дејствува како независен ентитет, туку ќе им помага на украинските власти во собирањето докази на лице место, сигнализира официјалниот претставник.

„ЕУ формираше заеднички истражен тим со Украина за собирање докази и истрага за воени злосторства и злосторства против човештвото“, објасни фон дер Лајен.

„ЕУ е подготвена да ги зајакне овие напори со испраќање истражни тимови на терен за поддршка на украинското обвинителство. Европравда и Европол се подготвени да помогнат“.

Ситуацијата во Буча се разви откако беа пронајдени повеќе мртви цивили во приградскиот град северозападно од главниот град. Киев ги обвини руските трупи за наводното масовно убиство, а највисоките западни функционери ја поддржаа неговата проценка и исто така ја обвинија Москва за воени злосторства.

Русија жестоко негираше каква било вмешаност во убиствата, означувајќи ја целата афера Буча како намерно изведена „провокација“.

Руските сили го напуштија градот на 30 март. Сликите на кои се прикажани цивили убиени, наводно од руските трупи кога се повлекувале, се прикажаа на 2 април.

„Сакаме да му покажете на светот што се случи овде. Што направи руската војска. Што направи Руската Федерација во мирна Украина. За вас беше важно да видите дека тоа се цивили“, им рече Зеленски на големата група странски новинари кои го придружуваа до локацијата.