![kovid sertitifakt](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/05/kovid-serifikat.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Европската унија постигна во четвртокот договор за сертификатите за Covid-19 кои би требало да помогнат во отворањето на летната туристичка сезона во Унијата, објави Европскиот парламент.
Европарламентарците и португалското претседателство со ЕУ се договорија во четвртокот вечерта дури по четирите круга преговори. Сертификатите се одвоени од плановите за отворање на ЕУ за вакцинираните граѓани од трети земји.
Сертификатите ќе постојат во форма на QR код на паметните телефони или на хартија, а властите преку него ќе можат да го одредат „ковид статусот“ на странците кои влегуваат во нивните земји. Кодот ќе покаже дали лицето е вакцинирано, негативно на коронавирусот или има имунитет бидејќи оздравело од болеста. Во практиката, тоа ќе бидат три посебни потврди.
„Иако денешниот договор не ги исполнува потполно барањата на Европскиот парламент, тој сигурно претставува значително подобрување на моменталното статус-кво за милиони граѓани на ЕУ. Дигиталната потврда ќе ја врати слободата на движењето во рамките на ЕУ, бидејќи државите членки почнуваат да ги укинуваат ограничувањето ширум Унијата“, изјави претседателот на Комисијата за граѓански слободи и известувач на ЕП, Хуан Фернандо Лопез Агиљар.
Уредбата за дигиталните потврди би требало да биде на сила 12 месеци и потврдата нема да претставува предуслов за остварување на правото на слободно движење и нема да се смета за патна исправа, се истакнува во соопштението на Европскиот парламент.
Државите членки на ЕУ ќе мора да ги прифатат потврдите кои ги издале другите членки, и тоа за вакцините кои се одобрени во Унијата. Во моментов тоа се вакцините против коронавирусот само на западните производители „Pfizer/BioNTech“, „Moderna“, „AstraZeneca“ и „Janssen“ (Jonhson&Jonhson).
Но членките на ЕУ ќе можат самите да одлучуваат дали ќе ги прифатат и потврдите за вакцинирањето на другите членки по националните постапки за итно одобрување или за вакцините коишто Светската здравствена организација (СЗО – WHO) ги стави на листата за итна употреба.
Потврдите ќе бидат ферификувани за да се спречат измами и фалсификати, а ќе се проверува и веродостојноста на електронските печати содржани во исправата.
Личните податоци добиени врз основа на оваа „ковид-потврда“ не може да се чуваат кај членките на Унијата во кои се упатуваат и нема да постои централна база на податоци востановена на ниво на целата ЕУ. Листата на институции кои ќе ги обработуваат и примаат податоците ќе биде јавна за граѓаните да можат да ги остварат своите права на заштита на податоците во согласност со Општата уредба за заштита на податоците, наведува Европскиот парламент.
Европските парламентарци во преговорите бараа да се овозможи бесплатно тестирање на Covid-19, како и ниедна земја членка да не воведува дополнителни рестрикции за патниците. Германија и Шведска беа меѓу земјите кои се противеа на овие предлози. На крајот, земјите членки се согласија да се воздржат од наметнувањето дополнителни ограничувања, како што се тестирањата или карантините, освен доколки тоа не е неопходно поради епидемиолошки причини.
Европската комисија, којашто исто така учествуваше во преговорите, се обврза да издвои 100 милиони евра за купување на тестовите, а доколку има потребна подготвени се уште 100 милиони евра.
Договорот ќе му овозможи на Европскиот парламент да донесе закон во седмицата којашто започнува на 7-ми јуни, а на многу земји во Европската унија да го тестираат системот пред неговото профункционирање кон крајот на јуни.