ЕУФОР најави голема воена вежба во Босна и Херцеговина

Воените сили на Европската унија распоредени во Босна и Херцеговина за зачувување на мирот и нејзиниот територијален интегритет ќе одржат голема вежба која ќе започне на крајот на август, на која ќе учествуваат војници од 23 земји, објави во вторник командантот на ЕУФОР, генерал Ласло Штиц.

Унгарскиот генерал за новинарите во Сараево изјави дека вежбата „Брз одговор“ е планирана за периодот од 24-ти август до 16-ти септември и е дел од активностите кои редовно се спроведуваат од 2012 година и ќе се реализираат во соработка со вооружените сили на Босна и Херцеговина.

„Оваа година вежбата ќе вклучува сили од 23 земји-членки (на ЕУФОР) и привремено ќе биде засилена со војници од Австрија, Унгарија, Романија, како и од мировната мисија КФОР“ од Косово, рече Штиц.

Целта е да се увежба одговорот на можни кризни ситуации со поддршка на резервните сили кои се на готовност во странство.

„Сакаме да обезбедиме дека, доколку кога и да е некогаш бидат распоредени во Босна и Херцеговина, тие ќе бидат запознаени со оперативните процедури на ЕУФОР“, рече Штиц.

Дополнителни војници ќе бидат распоредени на територијата на БиХ и од моментот на започнување на вежбата ќе бидат вклучени во патролирање и следење на теренот со поддршка на дронови и хеликоптери, а најголем дел од нивните операции ќе се изведуваат во областа на Чапљина, Гламоч, Ливно, Орашје, Пазариќ, Сараево, Тузла, Устиколине.

Дополнителни меѓународни воени сили ќе бидат распоредени на некои гранични премини со Хрватска како Свилај и Босански Брод и со Црна Гора.

„Остануваме сигурни и способни воени сили кои обезбедуваат стабилна средина“, рече командантот на ЕУФОР.

Воените сили на ЕУ се распоредени во Босна и Херцеговина од 2004 година како дел од операцијата „Алтеа“, кога од НАТО ја презедоа мисијата за обезбедување мир и следење на спроведувањето на воениот дел од Дејтонскиот договор. Мандатот на ЕУФОР зависи од резолуциите на Советот за безбедност на ОН, кој одлучува за тоа еднаш годишно.