Селекциите на Италија и на Грција се пласираа во четвртфиналето од континенталниот кошаркарски шампионат откако во саботата во вечерните термини ги совладаат репрезенатациите на Финска односно Литванија.
Кошаркарите на Грција во осминафиналето во Истанбул дури по дваесет години во официјален меч ја совладаа Литванија со 77:64 (25:17, 12:13, 24:18, 16:16) и во четвртфиналето ќе се сретнат со победникот од дуелот меѓу Русија и Хрватска кој се игра во недела.
Грците против Литванија беа во водство во текот на целиот натпревар, благодарејќи на трпеливоста и мирната игра и големите проблеми кои ги имаа Литванците со шутот. Пет минути пред крајот Литванците опасно се приближија на само пет кошеви разлика (58:63), но Грците со „тројките“ на Антетукунпо и Слукас брзо отидоа на плус 12 (73:61) и практично го решија мечот.
Кај Грците извонредна партија пружи Слукас со 21 поен од кои пет „тројки“, а Калатес постигна 14 поени со 6 асистенции, додека Литванците ги предводеа Кузинскас со 20 поени Валанциунас со 13 кошеви и 15 скокови.
Италија претходно беше подобра во осминафиналето од Финска со 70:57 (30:17, 18:12, 10:13, 12:15) и во четвртифналето ќе се соочи со подобриот од мечот меѓу Србија и Унгарија.
Италијанците полесно од очекуваното дојдоа до победата против Финците, најпријатното изненадување на првенството, селекцијата која го освои второто место во групата во нејзината престолнина Хелсинки. Финска го загуби дуелот во првата четвртина кога Италија постигна дури 30 поени, остварувајќи двоцифрена предност која ја сочува до крајот.
Италијанците ги водеа Белинели со 22 поени и Датоме со 15 кошеви. Кај Финците најуспешен беше Копонен со 15 кошеви, додека целосно изостана придонесот на најголемата нивна ѕвезда новиот играч на Чикаго Булс, Марканен, кој постигна само 4 поени за 21 минута минати на паркетот.
Претходно во саботата Германските кошаркари во осминафиналето од Европскиот шампионат ја елиминираа Франција со 84:81, а Словенија не ѝ пружи никаква шанса на Украина совладувајќи ја со уверливи 79:55.