Европска комисија: Не се откажуваме од започнување на преговори со Македонија, се надева на компромис

Европската Комисија не се откажува од започнување преговори со Северна Македонија, тврдат од Брисел по средбата на премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија,

Од таму остануваат на ставот дека двете страни треба да изнајдат компромис и дека може да се надминат несогласувањата, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Ги охрабруваме двете страни да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за нивните билатерални проблеми, изјавува портпаролката за проширување Ана Писонеро.

Клучен датум останува 17 ноември, кога треба да се одржи Советот на министри на ЕУ на кој ќе се разговара за проширувањето и на кој треба да се донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ со Македонија.

Бугарија за сега не отстапува и смета дека не може да даде зелено светло додека не се изнајде компромис околу прашањата за јазикот, краткото име и историските теми.

– Продолжуваме да се надеваме дека може да се постигне договор за преговарачката рамка наскоро со цел да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо, дополнува Писонеро за МИА.

Дипломатски извори за МИА велат дека во Брисел не се добива впечаток дека Македонија постапува неконструктивно во овој процес и на тоа се гледа позитивно на физичката посета на премиерот Заев на Софија во рамките на Берлинскиот процес.

„Се остава сега на сите страни да продолжат со контактите и обидите за постигнување компромис, и, иако бугарската страна нема поддршка од другите земји членки за своите ставови, нејзиното право на вето е безусловно, и ниедна земја, ниту институција не може да се меша во билатерални прашања“ нагласуваат дипломатите во Брисел.

Премиерот Заев се надева дека до вторник ќе најдат решение со Бугарија, со цел да не го попречуваат почетокот на преговорите со ЕУ.  Деновиве разговорите ќе се интензивираат. Тој вчера реќе дека вистинските европски политичари мора да му дадат шанса на процесот.

„Имавме разговори кои се одвиваа во конструктивна атмосфера. Договорот со Грција ме подучи дека на Балканот решението што ќе се изнајде ќе треба да е победничко за двете страни. Не сме стигнале до таму за решение со Бугарија, но процесот не треба да се одвива преку јавноста, нема да правиме шоу за нашата европска иднина. Удирањето во гради е можеби атрактивно за јавноста во двете земји, но не го решава спорот. Имаме јасни позиции и ќе работиме со Бугарија на заедничко победничко решение. Македонскиот идентитет е гордост и ќе остане гордост како планина и без да правиме националистички спектакл за ова прашање“, изјави Заев.

Никола Димитров, министерот за надворешни работи, по враќањето од Софија каде што вчера се одржа Самитот на лидери во рамки на Берлинскиот процес за МИА рече дека „за некои работи може да се преговара, а за некои нема дискусија“, коментирајќи ги изјавите на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, кој исто така присуствиваше на средбата.

– Господинот Каракачанов има обврска и право да ги застапува бугарските позиции, како што ние имаме обврска и право да ги застапуваме македонските позиции. Ама и ние и тие имаме и обврска да се грижиме за пријателството. Сакам уште еднаш да потенцирам дека има некои работи за кои можеме да разговараме, и некои работи за кои нема дискусија, нагласи Димитров.