Европската унија бара истрага за ангажираните снајперисти во текот на нередите во Киев минатиот месец, соопшти денеска Маја Коцијанчич портпаролка на високата претставничка на ЕУ за надворшена политика и безбедност, Кетрин Ештон.
Таа не сакаше да ја коментира неодамна објавената снимка од разговорот на Кетрин Ештон со естонскиот министер за надворешни работи во кој се изнесуваат претпоставки дека снајперистите ги ангажирале припадниците на милитантната украинска опозиција, туку само кажа дека Ештон бара да се спроведе истрага.
„Ако ги прочитате заклучоците од вчерашниот самит во Брисел ќе видите дека истрага бараат и шефовите на државите на владите на земјите членки на ЕУ, “ укажа Коцијанчич.
Во меѓувреме шефот на естонската дипломатија Урмас Паета кој тврдеше дека снајперистите ги ангажирала украинската опозиција, ја потврди автентичноста на снимката.
Од друга страна, извесна лекарка Олга која Паета ја цитирал како еден од изворите за тезата за „опозициски“ снајперисти, изјави дека естонскиот министер погрешно ги пренел нејзините зборови.