Европското обвинителство покрена истрага за набавка на вакцини против Ковид-19

Обвинителството на Европската унија денеска соопшти дека отворило истрага за набавка на вакцини против корона вирусот во Унијата. „Европското јавно обвинителство (ЕПО) потврдува дека истрагата за набавка на вакцини против Ковид-19 во Европската унија е во тек. Оваа потврда доаѓа по исклучително високиот јавен интерес. Во оваа фаза нема да се објавуваат повеќе детали“, накратко објави обвинителството на Твитер.
Во времето на пандемијата, Европската комисија беше снабдувач на вакцини за земјите-членки на Унијата. Оваа институција ги централизираше набавките, а потоа земјите ги купуваа овие залихи.

Комисијата обезбеди околу 4,2 милијарди дози вакцини против Ковид-19. Повеќето од овие вакцини се од типот mRNA и се произведени од германската компанија Biontek и американскиот гигант Pfizer.

Во април 2021 година, Њујорк Тајмс објави дека претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и шефот на Pfizer Алберт Бур размениле СМС пораки. Комисијата не ја откри содржината на тие пораки и покрај инсистирањето на новинарите Комисијата да биде транспарентна. Тогаш за овие пораки се заинтересира Емили О’Рајли, европскиот омбудсман, која исто така смета дека јавноста има право да ја знае содржината на пораките, не само за вакцините, туку и за сите документи на Унијата.

Портпаролот на Комисијата рече дека претседателката Урсула фон дер Лајен не преговарала за договори со фармацевтските компании за набавка на вакцини. Тој објасни дека овие преговори на страната на ЕУ биле надгледувани од управен комитет што ги собира „претставниците на Комисијата и сите земји-членки“.

Договорот со Бионтек и Фајзер за купување до 1,8 милијарди дози од пролетта 2021 година, тогаш беше проценет на 35 милијарди евра, пренесува Танјуг.

Во извештајот објавен во септември, Европскиот суд на ревизори, кој го надгледува буџетот на Унијата, рече дека не добил ниту една од бараните информации во врска со прелиминарните преговори. Европското јавно обвинителство е наднационално тело кое официјално започна со работа во 2021 година. Тоа е независно тело на ЕУ одговорно за судење злосторства што ги засегаат финансиските интереси на ЕУ. Станува збор за дела како измама, корупција, перење пари и проневера, акти кои можат негативно да се одразат врз парите на даночните обврзници на ЕУ.

Обвинителството е надлежно за дела извршени, во целост или делумно, на територијата на една или повеќе земји-членки на ЕУ, кои ги извршил државјанин на земја членка на ЕУ и кога кривичните дела ги извршило лице кое било предмет на Правилникот за персонал или Условите за вработување на персонал во ЕУ.

Романката Лаура Ковеси беше назначена на чело на првото европско обвинителство во октомври 2019 година.