Фицо: Антируските санкции само им прават штети на земјите како Словачка

Санкциите воведени против Русија поради војната во Украина не функционираат и само им штетат на земјите како Словачка, оцени во вторникот вечерта поранешниот премиер на оваа централноевропска земја и лидер на тамошната парламентарна опозиција, Роберт Фицо.

„Санкциите не функционираат. Најмногу штета им нанесуваат на земјите како Словачка. Западот сосема го загуби разумот“, вели Фицо во видео-пораката објавена на неговиот профил на Facebook.

Најдобриот пример за тоа дека санкциите не функционираат, како што истакнува Фицо, е прекинатиот проток на руската нафта преку јужниот крак на нафтоводот „Дружба“, откако Украина одби да го прими плаќањето од Русија за транзитот на нафтата кон Унгарија, Словачка и Чешка и другите централноевропски земји.

„Украина ги запре испораките на нафта преку јужниот крак на нафтоводот. На овој начин Украина ги реализираше своите закани дека може да преземе нешто слично“, додава Фицо.

Истакнува дека Русија во јули платила за августовскиот транзит на нафтата, но оти властите во Киев не го прифатиле плаќањето, правдајќи се санкциите наметнати од Западот. Според поранешниот словачки премиер, Украина тоа го сторила „со благослов на Западот“.

Од руската компанија добавувал на нафта „Транснеф“ претходно во вторникот потврдија дека од 4-ти август не можат да испорачаат нафта преку кракот во Украина, иако уште на 22-ри јули на украинскиот оператор на нафтоводот „Укртранснафта“ му платиле за транзитот во август, но дека парите се вратени на 28-ми јули, бидејќи уплатата не била примена.

Русија испорачува околу 250.000 барели нафта дневно преки нафтоводот „Дружба“ во Унгарија, Словачка и Чешка. Унгарските MOL и „Unipetrol“, кои контролираат PKN Orlen, се главните купувачи на руската нафта преку оваа рута, додека руските „Лукоил“, „Роснефт“ и „Татнефт“ се главните добавувачи.

Во меѓувреме во вторникот вечерта унгарски MOL објави дека e подготвена да ја преземе обврската за плаќање на транзитот на нафта преку нафтоводот „Дружба“ и оти веќе иницирала преговори за префрлање на обврските врз компанијата.

Нафтоводот „Дружба“, кој датира од советскиот период, започнува од руската областа Самара минува преку Брјанкс и се разгранува на северен и јужен крак, минувајќи низ териториите на Белорусија, Украина, Полска, Германија, Чешка, Словачка, Унгарија, Латвија и Литванија. Украинскиот дел е во сопственост на „Укртранснафта“, додека Русија плаќа за транзитот.