По денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес, градоначалникот Аце Коцевски на прес-конференција оцени дека епидемиолошката состојбата со ковид-19 во велешко е алармантна, а вирусот е широко распостранет и голем дел од лицата кои се позитивни, не можат со сигурност да кажат од каде се заразиле.
Како што изјави Коцевски, некои изјавиле дека се заразиле во текот на патувањето до работното место, а други на работното место.
До 10.30 часот утрово во Велес се потврдени осум нови случаи, а тројца се оздравени. Се размислува Физикалното одделение да се пренамени за пациенти со ковид-19.
– Во текот на изминатото деноноќие како последица од ковид-19, во Општата болница – Велес за жал починаа тројца пациенти, двајца од Велес и еден од Свети Николе. Сериозна е состојбата во Велешката болница, каде доаѓаат пациенти со тешки симптоми, а капацитетот се исполнува. Се размислува Физикалното одделение да се пренамени за пациенти со ковид-19 – потенцира Коцевски.
На Инфективното одделение во болницата во Велес хоспитализирани се 35 пациенти, од кои 33 се потврдени позитивни случаи на ковид-19, двајца се негативни, но имаат потешка клиничка слика. Од нив, 24 се од Велес, шест од Свети Николе, двајца од Градско, двајца од Демир Капија и еден од Неготино.
Позитивни на вирусот се и три медицински сестри од Инфективното одделение, еден вработен во анестезиолошката служба и еден работник во Општата болница – Велес.
Коцевски апелираше до жителите на Општина Велес да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од ширење на ковид-19.
Во Велес, вкупниот број на заболени од ковид-19 изнесува 446, од кои 322 се оздравени и 20 починати. Во моментот, 106 лица се водат како активни случаи, од кои 79 се на наоѓаат на домашно лекување, 24 се хоспитализирани на Инфективното одделение, двајца се лекуваат во Инфективната клиника во Скопје, двајца во Градската општа болница во Скопје, еден на Клиниката за ОРЛ и тројца во приватни клиники во Скопје.