Владата на Република Македонија, на денешната седница, донесе одлука за формирање на Комисија за пренос на техничките уреди за следење на комуникации и на техничката документација од Министерството за внатрешни работи- Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција (ОТА).
Комисијата, составена од претставници од МВР, од ОТА, од Врховниот суд, од Јавното обвинителство, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите, има за задача да ја утврди фактичката состојба на техничките уреди за следење на комуникации, како и на техничката документација, кои се пренесуваат од МВР- Управа за безбедност и контраразузнавање во ОТА, да изврши попис на сите активни мерки за следење на комуникациите, како и да состави записник за извршената задача.
Формирањето на оваа Комисија е во функција на обезбедување гаранции за соодветна имплементација на законски решенија од кои произлегуваат и обврските Владата на РМ да ги овозможи сите услови за старт на работата на Оперативно-техничка агенција, до денот на започнување на примената на наведениот закон, односно до 1 ноември оваа година.