ФОТО и ВИДЕО| Германски активисти окупираа село за да спречат отворање јагленокоп

Климатски активисти се собраа во саботата во напуштено германско село близу Луцерат, кое треба да биде урнато за на неговото место да биде изграден отворен јагленокоп.

Со автобуси пристигнаа во тешко пристапниот терен и поставија нови шатори во камп во блиското поле. Активистите со бетонска маса лепеа стаклени шишиња на улиците на Луцерат и направија други барикади за да ја блокираат операцијата на полицијата на чистење на селото од нив.

Германскиот енергетски гигант RWE има намера да го расчисти селото за под него да се ископува јаглен. Жителите одамна си заминаа, но климатските активисти организираат повремени протести и заземање на зградите и куќите веќе две години.

Владата на западната германска сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија, којашто ја сочинува коалицијата на конзервативните демохристијани и на зелените, се подготвува полицијата да ги исфрли демонстрантите и да го исчисти местото, доколку е можно во следните неколку дена. Кон крајот на декември, локалниот округ во кој е сместен Луцерат издаде општа наредна за евакуирање на селото.

Активистите се надеваат во судската пресуда којашто се очекува во понеделник. Управниот суд во Мунстер треба да одлучи дали била законска претходната пресуда којашто им дозволува на локалните власти да им забранат на активистите да ги окупираат Луцерат.

Окупацијата на Лутцерат, во близина на градот Еркеленц, се интензивираше во пресрет на соопштување на судската одлука. Се очекува дека во неделата ќе се појави и една од најистакнатите германски климатски активистки, Луиза Ноебауер. Таа во меѓувреме ги повика приврзаниците уште помасовно да ѝ се придружат во селото.

Минатата 2022 година RWE и германската влада договорија планираното постепеното исклучување на користењето на јагленот да го забрзаат за осум години, и тоа да се случи во 2030 година, но тој договор не го спаси Лутцерат.

Сојузната влада вели дека до таа година јагленот и натаму ќе биде потребен да се осигура сигурноста на германските енергетски резерви имајќи ги предвид превирањата о огромните скокови на цените на енергенсите на светските пазари. Тие започнаа есента 2021 година поради неконтролираното препродавање, во прв ред на гасот од европските складишта, а од февруари 2022 година, откако Германија поради руската инвазија во Украина попушти пред притисоците на САД и го суспендираше рускиот гасовод Северен тек 2, а потоа поради санкциите ѝ беа намалени испораките од Русија на којашто ѝ е наметнато и нафтено ембарго.

„Горењето на јагленот под Луцерат значи раскинување со климатските цели на Парискиот договор. Повеќе не ни треба јагленот под селото и едноставно не можеме да си дозволиме да продолжиме да го спалуваме енергетскиот извор кој е од сите најштетниот за климата“, изјави за агенцијата DPA, „климатската експертка“ на Гринпис, Карстен Шмид, велејќи дека „профитот е ставен пред планетата“.

Германија настојува да ја исклучи целосно зависноста од евтините руски енергенси, кои беа главниот фактор за нејзиниот економско и индустриски бум, но засега дисперзијата на добавувачите се одвива по многу повисоки цени. Покрај тоа, минатата германска влада во рамките на своите климатски и „зелени политики“ се заложи и за затворање на нуклеарните реактори, но поради енергетската состојба некои од нив и натаму ќе бидат во функција.