Претседателот Стево Пендаровски во вторникот ја посети општина Валандово во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“ и во текот на посетата, во село Удово разговараше со локални земјоделци и сточари, кои му ги пренесоа предизвиците од нивната работа, размислувањата за можностите за унапредување на производството и обезбедувањето на пласманот на производите.
Во Валандово, претседателот Пендаровски се сретна со Марио Томов, креатор на апликацијата Селектирај Отпад. Станува збор за иновативен начин на третирање на отпадот преку едноставно користење на апликацијата. Проектот има за цел да го промени начинот на собирање на отпад и да го унапреди квалитетот на животната средина, а воедно и нуди можност за личен паричен бенефит за граѓаните од нивното учество. Услугата засега е достапна во Валандово и во делови од Скопје. Томов ги претстави неговите планови за зголемување на бројот на корисници во општините во Скопје и во државата. Претседателот Пендаровски истакна дека апликацијата е добар пример што треба да се следи и во другите општини.
Преку „Лице в лице со Претседателот“ претседателот Пендаровски остварува неформални средби со граѓаните коишто на различен начин придонесуваат во локалната заедница и во општеството во целост. Целта на проектот е ваквите поединци да станат повидливи, истакнувајќи го нивниот труд и несебичен влог во работата.