(ФОТО и ВИДЕО) Силна експлозија во Нешвил, веројатно намерно предизвикана

Силна експлозија го затресе во петокот утрото центарот на Нешвил, во американската сојузна држава Тенеси, а полицијата наведува дека се чини дека е намерно предизвикана.

Експлозијата одекнала во 6,30 часот по локално време во утрото на католички Божик и предизвикала големи штети на фасадите на околните згради.

Неколку стебла во детонацијата биле искорнати и најмалку два автомобила се запалиле, наведува полицијата во Нешвил. Градоначалникот Џон Купер кој пристигнал на местото за локалните медиуми изјави дека според негова процена оштетени се околу 20 згради.

Дека најверојатно станува збор за намерно предизвикана експлозија, нешвилската полицијата објави на својот профил на Twitter.

Силната детонација соборила на земја полициски офицер кој бил во близина на експлозијата, а три лица се хоспитализирани со повреди, соопштија полицијата и противпожарната служба без да го наведат степенот на нивните повреди.

Експлозијата се случила северно од центарот на градот, во близина на кулата на телекомуникациската компанија „AT&T“, култна зграда во престолнината на кантри музиката, поради нејзината форма наречена „Бетменовата кула“.

Полицијата го блокирала целиот кварт. Претседателот Доналд Трамп е информиран за експлизијата и редовно ќе биде информиран за развојот на настаните, соопшти портпаролот на Белата куќа, Џад Дир.

„Претседателот им се заблагодарува за неверојатната првична реакција на оние кои одговорија, и се моли за повредените“, навел Дир во писмената изјава за медиумите.