Британскиот крал Чарлс Трети и сите членови од потесното кралско семејство се собраа во четвртокот вечерта во Бакингемскиот дворец за да го дочекаат ковчегот со посмртните останки од минатата седмица починатата кралица Елизабета Втора, а илјадници луѓе се собраа на улицата на Лондон додека возилото со ковчегот минуваше по улиците на британската престолнина.
Во темнината на дождливата ноќ осветлената мртовечка кола бавно се движеше низ Лондон минувајќи покрај масата луѓе. Некои стоеја на улиците, други фрлаа цвеќе, а многумина излегуваа од своите возила со поглед да ја испратат поворката.
Елизабета втора почина минатиот четврток во својата летна резиденција замокот Балморал во шкотските планини на 97-годишна возраст, станувајќи најдолговечниот британски монарх со 70 години и 7 месеци на британскиот престол. Нејзината смрт поттикна стотици илјади луѓе да се соберат пред кралските резиденции и дворци ширум Обединетото Кралство за да изразат тага и сочувство.
Чарлс Трети, кој автоматски стана крал, исто така патува по сите четири дела на Велика Британија во кои ги предводи процесиите. Принцезата Ана, единствената ќерка на кралицата покрај трите сина, заедно со ковчегот патуваше од Шкотска каде што се наоѓаше по смртта.
„Ми преставуваше чест и привилегија да бидам со неа на нејзините последни патувања. Ме разнежнија љубовта и почитта коишто толку многу луѓе ги изразија на овие патувања“, истакна принцезата Ана во писмената изјава за јавноста.
Групата носачи на ковчегот од Кралското воено воздухопловство (RAF) го внесоа ковчегот во авионот. Почесната гарда во килтови на Шкотскиот кралски полк стоеше со поставените бајонети, а музичарите на полкот ја свиреа химната кога авионот полета. На тој начин Шкотска се прости од кралицата.
Во меѓувреме маса луѓе се собраа пред Бакингемскиот дворец, местото на бројните незаборавни свечености во текот на владеењето на Елизабета Втора, од прославата на венчавката до дијамантските јубилеи.
Ковчегот во среда на топовски лафет во рамките на големата воена поворка ќе го мине патот до Вестминстер Хол, зградата на британскиот Парламент, каде ќе остане до погребот на 19-ти септември. Граѓаните ќе може да минуваат покрај ковчегот 24 часови дневно до утрото на денот на погребот, на кој ќе присуствуваат десетици светски челници, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден.