Контроверзниот бизнисмен од Турција Седат Пекер на кого МВР му издало македонска лична карта со украден идентитет на лицето Џадин Амедовски, во Македонија, иако протеран од земјава, се среќавал со коалициони партнери на СДСМ, пишува Курир.мк.
Водачот на турската мафија се сретнал со кандидатот за пратеник во ИЕ2 и коалиционен партнер на СДСМ, Мунир Колашинац.
Покрај со Колашинац, Пекер во Скопје се сретнал и со Енес Ибрахим, исто така коалиционен партнер на Спасовски и Заев.
Коалициониот партнер на СДСМ Сефер Цаноски е исто така еден од оние кои оствариле средба со Седат Пекер.
Претходно, „испливаа“ и фотографии од средбата на водачот на турската мафија и градоначалникот на општината Маврово и Ростуше.
Општината за средбата објавила и на својата Фејсбук страница каде пишуваат дека градоначалникот Медат Куртовски одржал работна средба со турскиот бизнисмен.
За потсетување, ВМРО-ДПМНЕ вчера објави скандал за двајца мафијаши чии идентитети во земјава им ги позајмило МВР.
Озлогласениот лидер на Шкаљерскиот клан, Јован Вукотиќ, има македонски пасош на име Георги Андонов, издаден на 19 декември 2017 година од Министерството за внатрешни работи (МВР), а водачот на турската мафија, Седат Пекер, пак, иако официјално протеран од земјава, добил македонска лична карта со украден идентитет на лицето Џадин Амедовски. Ова го откри опозициската ВМРО-ДПМНЕ во скандалот именуван „Мафија“ и тврди дека најмалку двесте документи со украдени идентитети издало МВР на познати балкански нарко-босови и криминалци.
– Јован Вукотиќ, озлогласениот лидер на Шкаљарскиот мафијашки клан има македонски пасош на име Андонов Георги, издаден на ден 19.12.2017 година од МВР Скопје, со датум на важност до 18.12.2027 година. Со овој пасош Вукотиќ поминал низ Македонија, Турција, Србија, Шпанија, Грција, Украина, Полска. Но, вистинскиот идентитет на Јован Вукотиќ, дека не е лицето Георги Андонов може да се види од неговата црногорска патна исправа. Тој беше уапсен во 2018 година во Турција, а потоа беше депортиран во Србија, каде што беше осуден на 15 месеци затвор. За време на судењето во Белград, тој призна дека го користел македонскиот пасош. На прашање на заменик јавниот обвинител дали може обвинетиот да се изјасни кој е Георги Андонов, обвинетиот изјавил: „Тоа лице не постои, барем јас така мислам. Уште еднаш напоменувам дека се работи за патна исправа која е регуларна, издадена е на место каде што се издаваат патни исправи“ – брифираат од ВМРО-ДПМНЕ, цитирајќи го записникот од главниот претрес на судот во Белград, каде што Вукотиќ признал дека има македонски пасош.
Вештачењето од страна на МВР на Република Србија, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, утврдило дека станува збор за автентичен македонски пасош издаден од македонските државни органи, но со лажен идентитет.
Водачот на турската мафија, Седат Пекер, пак, по само 4 дена откако официјално беше протеран од земјава, отишол во полициската станица во Драчево, се фотографирал и поднел барање за лична карта со украден идентитет на лицето Џадин Амедовски, брифираа од ВМРО-ДПМНЕ.
– Седет Пекер, според објавата на билтенот на МВР и подоцна на телевизија Телма, е протеран од државата на 18 јануари 2021 година поради неуреден престој во земјава. Тој престојувал во мал хотел во Петровец и имал средби со криминалци, но и со политичари. Официјално од полицијата не сакаат да откријат ништо, а ако се погледне сајтот на МВР, има само едно штуро соопштение за овој настан. Според неофицијални информации, Седат Пекер имал косовски пасош, па поради тоа е протеран таму. Но, по само четири дена откако официјално е протеран, тој на 21 јануари годинава си доаѓа во полициската станица Драчево, се слика и поднесува барање за лична карта со украден идентитет на Џадин Амедовски – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кој е Јован Вукотиќ?
Тој е шеф на најмоќниот балкански клан кој работи со трговија на кокаин и наркотици на Балканот и во Источна Европа. Кланот ја обезбедува српската и црногорската мафија и е во отворен конфликт со Кавачкиот клан против чиј огранок во моментот има полициска акција во Србија.
Шкаљарскиот клан има повеќе свои операциони единици во чиј состав влегуваат и криминалците како Лука Бојовиќ, шеф на Земунскиот клан, моментално во затвор во Шпанија.
Некои од најблиските соработници на Вукотиќ, Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ, беа убиени во Атина. Таму се криеја откако претходно беа барани за убиство на двајца членови на Кавачкиот клан.
Освен Јован Вукотиќ, еден од лидерите на клан е и неговиот роден брат Игор Вукотиќ. Тука е и Владан Радоман, брат на Горан Радоман, по чие убиство започнува борбата со соперничкиот Кавачки клан и исчезнувањето на 300 килограми кокаин во Валенсија, Шпанија.
Јован Вукотиќ беше осомничен за обид за убиство на Милош Радоњик и Војнина Ступара, а се тврдеше и дека пукал на Звицер.
Досега Вукотиќ е осуден за помагање при убиство и недозволено поседување на оружје.
Кој е Седат Пекер?
Медиумите во Турција го опишуваат како водач на турската мафија, суден за убиства, државен преврат. Припадник на струјата на Гуленистите, и моментално во егзил од Турција.
На Пекер му се судело за убиство на шверцерот со дрога Абдула Топчу, но бил ослободен од обвинението. Двајцата други обвинети во истиот случај, кои наводно работеле за него, беа осудени на доживотен затвор.
По ова, тој избегал во Романија и бил баран, меѓудругото, за рекет, принуда и поттикнување убиство.
На 12 мај 2005 година бил уапсен за време на операцијата „Пеперутка“ во Турција. На 31 јануари 2007 година бил прогласен за виновен за градење и водење на криминална организација, грабеж, фалсификат и осуден на 14 години и 5 месеци затвор.
Пекер е обвинет и дел е од аферата за соборување на Ердоган, за што е осуден на 10-годишна затворска казна.