ФОТО| Српскиот опозиционер Чедомир Јовановиќ приведен по инцидент на Нов Белград

Челникот на српската опозициска Либерално-демократска партија, Чедомир Јавановиќ, однесен е во полициска станица во средата ноќта, откако предизвикал инцидент во локал на Нов Белград, пренесуваат белградските електронски медиуми.

Според некои медиуми, Јовановиќ влегол во конфликт со вработени во еден локал за брза храна околу 22 часот, а потоа објектот го гаѓал со камен. Бил одвезен со полициско возило, а по него заминала неговата сопруга во придружба на адвокат.

Медиумите истакнуваат дека Јовановиќ се смеел додека разговарал со припадниците на интервентната единица на српската полиција.

Неофицијално, причина за инцидентот била кавга на политичарот со навивачи на Црвена ѕвезда кои веројатно вербално го нападнале, по што Јовановиќ почнал да шутира полициско возило и еден приватен автомобил.

Неговиот адвокат изјавил за Вечерње новости дека навивачи и претходно го провоцирале Јовановиќ, што се случило и синоќа.

„Некогаш доаѓаа пред куќата, а ова беше од револт. Сопругата на Чеда повикала полиција“, рекол адвокатот.

Јовановиќ е поранешен соработник на убиениот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, кој во последниот период повеќепати упаѓаше во слични проблеми.

По соборувањето на Слободан Милошевиќ во 2000 година, Чедомир Јовановиќ беше шеф на пратеничката група на тогаш владејачката коалиција на Демократската опозиција на Србија (ДОС) во српската Скупштина, а потоа и потпретседател на владата на Србија.