(ФОТО) Во Калифорнија отворен првиот музеј на селфи

Во калифорнискиот град Глендејл во неделата беше отворен првиот музеј во кој се изложени селфи снимки, каде што посетителите се повикуваат да ги истражат корените на овој социјален феномен.

Во овој интерактивен музеј стаповите за селфи и фотоапаратите не само што не се забранети, туку посетителите се поттикнуваат да ги понесат со себе.

Од 31-ви мај сите заинтересирани во музејот ќе може да ја истражуваат популарноста, како и социјалното и културолошко влијание на овој популарен вид фотографии. Просториите на музејот се посебно уредени за правење селфи снимки.

Во него се изложени и експонати какви што корисниците на социјалните мрежи често објавуваат на своите профили, како што се храна или внатрешност на тоалети со големи огледала, вели еден од основачите на музејот, Томи Хонтон.

„Сакаме да го развеселиме и насмееме луѓе. Сакаме да ги изненадиме со музејската поставка. Ние наместо визуелен хумор во кој посетителите во моментот кога ќе влезат во него стапнуваат во своевидена интеракција со просторот. Се надевам дека слатко ќе се изнасмеат, дека ќе бидат збунети и изненадени… и дека нема да можат да одолеат да направат неколку селфи“, вели Хонтон.

„Односот меѓу луѓето и уметноста се измени. Денес луѓето не сакаат да бидат само набљудувачи, тие сакаат да бидат дел од таа уметност., На пример, има повеќе селфи со разни верзии на Мона Лиза, отколку со вистинската на Да Винчи“, додава Хонтон.