![Banksi 01](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Banksi-01.webp?resize=696%2C418&ssl=1)
Мадрид дополнително ја прошири својата културна понуда со отворање на музејот Банкси, уникатен простор посветен на работата на овој мистериозен британски уметник.
Музејот, кој беше отворен во јануари, се наоѓа во поранешна гаража во населбата Арганзуела и ја содржи најголемата колекција на делата на Банкси во Европа.
Во музејот се сместени повеќе од 170 репродукции во природна големина на најпознатите дела на уметникот, вклучително и „Девојчето со балон“.
Многу од овие оригинални дела повеќе не постојат на нивните оригинални локации, или затоа што се уништени или отстранети од улиците на градовите како Лондон, Париз, Њујорк или во зоните на судири како Палестина.
Изложбата вклучува мурали, слики во масло, принтови и инсталации кои ги нурнуваат посетителите во критичкиот универзум на Банкси и ги повикуваат на размислување за темите што се повторуваат во неговите дела, како што се нееднаквоста, војната, животната средина и општествената сатира.
Музејот се наоѓа во поранешна гаража претворена во простор од 2.000 квадратни метри кој ја задржува својата индустриска суштина. Дискретниот влез е означен само со сообраќаен знак изменет во стилот на уметникот, што ја одразува философијата на анонимност и изненадување што ја карактеризира работата на Банкси.
Мадрид, така, со својот музеј Банкси им се придружува на метрополите Барселона, Париз, Брисел и Њујорк.
Значењето на опусот на Банкси
Делата на Банкси, кои покренуваа прашања за социјалната нееднаквост и лицемериот на властите, се многу популарни. Уметникот уште успева да го зачува својот вистински идентитет во тајност, а нокој освен неговите најбслиски соработници, не знае како то изгледа и како навистина се вика.
Во 2010 година Банкси го претстави документарниот филм „Излез преку продавница за сувенири“. Банкси сними и документарен филм „Направете ѕид!“ во кој зборува се својата работа, но неоткривајќи го лицето. Филмот во 2011 година беше номиниран за Оскар за најдобар документарен филм.
Графитот „Девојчето со балон“, кој е направен на матрица, се смета за едно од најпознатите дела на уметникот. Единствената копија од оваа слика на платно е насликана од самиот уметник во 2006 година. Пред наддавањето сликата беше проценета на вредност меѓу 250 и 400 илјади долари.
Британските општини инаку трошат илјадници фунти на одржување на неговите ѕидни дела а постигнуваат и високи цени на наддавањата на спротивниот брег од Атлантикот. Во февруари 2013 година познат графит на Банкси, графитот „Робска работа“ (Slave Labour), кој прикажува момче наведнато врз машина за декорирање на британски знамиња, кој се појави на ѕидот на една куќа во кварт во северен Лондон во мај 2012 година, предизвика негодувања на локалното население откако таинствено исчезна од ѕидот. Неколку дена подоцна графитот се појави на интернет страницата на аукциска куќа Fine Art Auctions Miami од Мајами и требаше да биде понуден на наддавање. Почетната цена беше 700 илјади долари. Исчезнувањето на графитот на Банкси, чиј идентитет не е познат и покрај неговата светска слава, предизвика бес меѓу локалните жители, па за враќање на графитот се заложи и локалниот совет на квартот Харингеј. Тој се обрати до англискиот Совет за култура соопштувајќи дека локалните жители се многу среќни поради повторната појава на цртежот на Банкси но и многу „шокирани“ дека тој е изложен на приватна аукција.
Инаку тоа не беше првпат графит на анонимниот но прославен урбан уметник под псевдоним Банкси да биде понудено на аукција. Така во септември 2012 година графитот на Банкси „Вини Пу“ од 2003 година беше понуден на аукција на урбана уметност во организација на аукциската куќа Bonhams којашто се одржи во Лос Анџелес, кој беше проценет на цена меѓу 50 и 80 илјади долари. Цртежот го прикажува познатиот лик на илустраторот Е.Х Шепард со нога фатена во стапица за мечки, призор кој инаку не припаѓа на вистинските епизоди за авантурите на малото меченце, иако во една од тие Вини Пу и Прасенцињата поставуваат стапица за Слончето.
Делото потекнува од Бристол, родниот град Банкси, а беше понудено на наддавањето заедно со сликите „Lenin on Rollerblades“ (Ленин на ролшуи) „Who Put the Revolution on Ice?“ (Кој ја стави револуцијата на мраз?), исто така од 2003 година, како и „Precision Bombing“ (Прецизно бомбардирање), едно од најпознатите и најпрепознатливи дела на Банкси, чија вредност се проценуваше тогаш меѓу 35 и 45 илјади долари. Меѓутоа, по големиот интерес што го покажаа во 2012 година калифорниските колекционери, цените на графитите на Банкси речиси десеткратно се зголемија.
Се претпоставува дека Банкси, кој својот идентитет љубоморно го држи во тајност, е роден во Бристол, југозападна Англија. Уметникот ги создава своите дела мешајќи го хуморот со критиката, така во Њу Орлеанс ги ослика ѕидовите по ураганот Катрин а на Западниот брег (на реката Јордан) ѕидот кој ги разделува Израелците и Палестинците.