Франција ќе плати речиси 10 милијарди евра за целосна контрола врз енергетска компанија

Француската влада понуди 12 евра по акција за преземањето на целосна контрола над енергетската компанија EDF, порачувајќи дека е подготвена да плати 9,7 милијарди евра за целосно управување во периодот на енергетската криза во Европа.

Понудената цена е повисока за 53 отсто од цената на акцијата на EDF на затворањето на пазарот на 5-ти јули, ден пред владата во Париз да го објави планот целосно да го национализира најголемиот европски оператор со нуклеарна енергија, наведе во вторникот француското министерство за финансии.

Тргувањето со акциите на EDF беше запрено минатата седмица на барање на компанијата во очекување на поединостите од владиниот план за нејзина национализација.

Министерството за финансии соопшти денеска дека на берзанскиот регулатор ќе му ја достави понудата за откупот на акциите до почетокот на септември и дека планира да ги исклучи од берзанските котации.

„Оваа инвестиција ќе ни овозможи големи вложувања во нуклеарната енергија“, изјави по соопштението министерот за буџет Габриел Атал за француското радио Info.

Француската држава во моментов поседува 84-процентен удел во овој произведувач на електрична енергија кој има големи проблеми со испораките на струја, доцнење на работите и пробивањето на финансиската конструкција за градењето на нови реактори и дотраените погони на старите нуклеарни централи.

Дополнителен проблем им претставува владината уредба со којашто на конкурентите мора да им продаваат струја по намалени цени, за граѓаните да бидат заштитени од остар раст на цените на електричната енергија.