Францускиот министер за здравство, Оливие Веран, изјави во неделата вечерта дека владата решително ќе ги забрани настаните со повеќе од илјада учесници, во рамките на настојувањата да се сузбие епидемијата од коронавирусот.
„На национално ниво, сите настани со учество на повеќе од илјада луѓе се забранети“, изјави министерот Веран по состанокот на Советот за национална безбеднсот кај претседателот Емануел Макрон кое беше емитувано на социјалните мрежи.
Веран додаде дека се можни исклучоци, и оти владата прави листа на општествено корисни настани, како на пример демонстрациите.
Во неделата, инаку, ширум Франција се одржаа масовни демонстрации и маршеви за правата на жените, на кои според процените учествувале повеќе од 150.000 лица.
Претходно француските власти ги забранија сите настани со повеќе од 5.000 учесници, особено оние кои се одржуваат на затворен простор.
Поради ширењето на епидемината беше одложено одржувањето на Парискиот матарон и откажани или одложени бројни меѓународни изложни и културни настани.
Според последните податоци, во Франција се регистрирани 1.126 пациенти заразени со коронавирусот. Од нив 19 луѓе ѝ подлегнале на болеста.