Франција смета дека е прерано барањето за одложување на брегзитот без веродостоен план

Франција смета дека е малку преурането барањето за одложувањето и очекува „веродостоен план“ до самитот на Европската унија на 10-ти април, соопшти во петокот кабинетот на францускиот претседател, реагирајќи на британското барање за одложување на излегувањето на Велика Британија до 30-ти јуни.

„Да се зборува за одложување е малку преурането… Бидејќи 27-мината како јасен услов бараа ова барање да биде оправдано со веродостоен план“, наведе Елисејската палата.

Дипломатски извор за AFP рекол дека Париз смета оти „шпекулациите во врска со ова одложување се незграпен пробен балон“.

Британската премиерка Тереза Меј претходно во петокот му пиша на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, барајќи одложување на брегзитот до 30-ти јуни за да им овозможи на поделените пратеници да усвојат договор за излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија.

„Обединетото Кралство предлага тој период да заврши на 30-ти јуни 2019 година“, напиша Меј. Подоцна за медиумите изјави дека доколку биде постигнат договор пред овој датум, Британија предлага предвремено завршување на одложувањето.

Висок функционер на ЕУ порача во петокот дека Туск веројатно ќе му понуди на Лондон пофлексибилно продолжување на рокот за излегувањето од ЕУ до една година, со можност да замине порано. Брегзитот, првично планиран за 29-ти март, веќе е одложен до 12-ти април, во надеж дека тоа дотогаш би можело да биде постигнат договор кој би го потврдил парламентот.

Елисејската палата, пак, смета дека „продолжувањето е алатка, а не решение. Очекуваме веродостоен план до самитот на 10-ти април и тогаш ова барање ќе биде разгледано“, истакнуваат соработниците на францускиот претседател Емануел Макрон. Самиот тој претходно во вторникот истакна дека за него приоритет е доброто функционирање на Европската унија, коешто не може да биде трајно заложник на решавањето на пполитичката криза во Велика Британија.