Француска „Valneva“ започна со третата фаза од испитувањето на својата вакцина против Covid-19

Француската биотехнолошка компанија „Valneva“, којашто се занимава со развој и комерцијализација на вакцини против заразни болести, објави дека ја започнала третата фаза од клиничките испитувања на својата вакцина против Covid-19.

Претходно месецов од „Valneva“ објавија дека имале позитивни резултати од тестирањата на нивната вакцина против болеста којашто ја предизвикува коронавирусот SARS-CoV-2.

„Нашата компанија, специјализирана и посветена на развојот и комерцијализацијата на превентивните вакцини за заразни болести, објавува дека започна со клучната трета фаза од клиничките испитувања на својата инактивирана адјувантска вакцина кандидат за Covid-19“, се наведува во соопштението на „Valneva“ од средата вечерта

Според соопштението, во текот на клиничките испитувања препаратот на француската компанија ќе биде споредуван со вакцината „Vaxzevria“ на англо-шведската фармацевтска лабораторија „AstraZeneca“.

Финалните испитувања на потенцијалната вакцина на „Valneva“ ќе се спроведуваат во Велика Британија. Во нив ќе учестуваат околу 4.000 волонтери и сите ќе добијат по две дози од препаратот кој го носи називот „VLA2001“.

Извршниот директор на „Valneva“, Томас Лингелбах, истакна дека препаратот на компанијата е „единствениот инактивиран кандидат за вакцина против Covid-19, кој минува клинички испитувања во Европа“.

Доколку третата фаза мине успешно, компанијата планира да аплицира за регистрација на вакцината оваа есен.

Уште порано „Valneva“ склучи договор со британската влада за испорака на 100 милиони дози од вакцината во периодот 2021/2022 доколку клиничките испитувања бидат успешни. Уште 90 милиони дози може да бидат испорачани меѓу 2023 и 2025 година. Превентивно кон крајот на јануари годинава Велика Британија започна со производство на вакцината на „Valneva“ во постројките во шкотски Ливингстон.

Инактивираната или „убиена“ вакцина се состои од микробиолошки честички кои се одгледуваат во култура, а потоа се убиваат со помош на методите на термичка обработка или изложеноста на клеточен отров (формалдехид). Овие вируси се одгледуваат во контролирани лабораториски услови за да се намали антигеноста и не се заразни, односно не можат да предизвикаат болест. За да се развие имунитет, потребно е да се инјектираат во големи дози, и да се применат адјуванти и повеќе тури на вакцинација. Инактивираните вакцини се разликуваат од ослабените или „живите“ ослабени вакцини,

Адјувант (од латински – adjuvans – помагање или поддршка) е соединение или комплекс супстанции кои се користат за подобрување на имунолошкиот одговор кога се администрираат истовремено со имуногенот. За разлика од имуномодулаторите, тие се користат за подобривање на специфичен имунолошки одговор, на пример при вакцинација, најчесто во здрав организам, а не за нормализирање на нарушени реакции на имунолошкиот систем при патологијата.