Функционалната храна спаѓа некаде на границата помеѓу лек и храна. Кога станува збор за фукнционалната храна, тука спаѓаат пробиотикот и пребиотикот.
Нерационалната исхрана, стресот, лековите и зголемената телесна температура, можат да предизвикаат нарушувања во цревната микрофлора. Цревата се домаќини на бројни добри бактерии, кои ја штитат слузницата на цревата и го спречуваат намножувањето и делувањето на лошите, патогени бактерии.
За да се зајакне имунолошкиот систем, се препорачува континуирана употреба на ферментирани, млечни производи кои содржат пробиотици и пребиотици. Во исхраната, како пробиотик најчесто се користат млечно киселите бактерии од родот Lactobacillus, Bifidobakterium и Bacillus.
Овие бактерии позитивно влијаат врз здравјето на човекот:
*Го зајакнуваат оддбранбениот систем на организмот.
*Го спречуваат растот на патогените микроорганизми.
*Учествуваат во отстранувањето на отровите од телото.
*Влијаат врз намалувањето на лошиот ЛДЛ холестерол.
*Ја обновуваат слузницата на цревата по терапија со антибиотици.
*Го забрзуваат заздравувањето од алергија.
*Го намалуваат ризикот од појава на рак на дебелото црево.
Пробиотиците делуваат заедно со пребиотиците. Пребиотици се влакнести материи кои се наоѓаат во овошјето, зеленчукот, и други намирници, кои ги штитат пробиотиците од желудочната киселина и ги носат до цревата. Затоа природниот пробиотик секогаш треба да се зима заедно со природниот пребиотик, односно варен зеленчук, интегрални житарки.
Природни пробиотици се храна која ја јадеме константно, затоа не треба да се јаде еден вид храна, туку треба да се применува разновидна исхрана.
Најдобри природни пробиотици се: Мајчиното млеко, домашното кисело млеко, домашен јогурт, младо бело сирење особено козјото, козјата сурутка, кисела зелка, комбуха и кефир.
Природните пробиотици се зимаат подолг период од околу месец дена и повеќе, бидејќи е потребно време нивните бактерии да се наметнат во цревата и да ја регулираат цревната флора.
За да бидете здрави, витки и витални неопходно е да користите пробиотици кои ќе ја одржуваат рамнотежатa на добри и лоши бактерии во цревата.
Автор: Сертифициран нутриционист Марија Лазиќ за НетПрес
e-mail: [email protected]